Центар за услуги во Прилеп, Андоновски најави дека граѓаните на едно место ќе добијат информации и пристап до услуги од повеќе институции

Макфакс

10/07/2026

13:20

118

Големина на фонт

а а а

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со градоначалникот на Прилеп, го отворија новиот Центар за услуги во Прилеп, кој овозможува граѓаните на едно место да добијат информации и пристап до услуги од повеќе институции, преку едношалтерски систем и Националниот портал за електронски услуги.

Министерот за дигитална трансформација и градоначалникот на Прилеп отворија Центар за услуги

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска го посетија Центарот за услуги во Прилеп, воспоставен како резултат на соработката меѓу Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп

„Ми претставува особено задоволство што започна со работа Центарот за услуги во Прилеп, заеднички проект на Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп, сместен во просториите на даночното одделение на Општината. Особено ми е драго што услугите достапни преку Националниот портал за електронски услуги сега им се достапни на граѓаните и преку оваа канцеларија. Ветивме Центар за услуги во Прилеп и тоа ветување денес го реализираме. Прилеп доби и Wi-Fi зона со бесплатен интернет, што е уште една потврда дека градот го вклучуваме меѓу приоритетите во процесот на дигитализација и дека најавените проекти ги претвораме во конкретни резултати.“ изјави Андоновски.

Центарот функционира по принципот „едношалтерски систем“, овозможувајќи им на граѓаните на едно место да добијат информации, поддршка и пристап до услуги од повеќе институции.

Градоначалникот Проданоски се заблагодари за континуираната поддршка и за тоа што Прилеп е високо меѓу приоритетите на Министерството за дигитална трансформација.

„Оваа Влада и оваа локална самоуправа функционираат според принципот „ветено – сторено“. Пред неколку месеци, заедно со министерот Андоновски, најавивме дека во Прилеп ќе биде отворен Центар за услуги, а денес тоа ветување е реализирано. Станува збор за заеднички проект на Општина Прилеп и Министерството за дигитална трансформација. Општината го обезбеди просторот, а преку воспоставениот едношалтерски систем граѓаните сега, на едно место, имаат пристап до услугите што се обезбедуваат и на локално и на централно ниво“, изјави Проданоски.

Посета на училиште и донација на компјутерска опрема

Во рамки на активностите, министерот и градоначалникот го посетија и ООУ „Ристе Ристески-Ричко“, каде што извршија увид во донираната компјутерска опрема, обезбедена по иницијатива на Министерството за дигитална трансформација.

Донацијата има за цел да го унапреди образовниот процес, да создаде подобри услови за примена на современите технологии во наставата и да придонесе за развој на дигиталните вештини кај учениците.

Дигитализација низ целата држава

Во моментов, низ државата функционираат 16 Центри за услуги, интегрирани со Националниот портал за електронски услуги, преку кој се достапни 332 услуги за граѓаните и компаниите.

Министерството, најавуваат од таму, континуирано работи на отворање нови Центри за услуги и во останатите градови, со цел електронските и административните услуги да бидат подостапни за сите.