Началникот на Вооружените сили на Германија: Македонија е значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа

Макфакс

16/07/2026

12:50

321

Големина на фонт

а а а

Генералот Карстен Бројер, началник на Вооружените сили на Германија, подвлече дека Република Северна Македонија е важен фактор за стабилност во Југоисточна Европа за време на својата официјална посета на Армијата. Посетата ја потенцира продлабочената воена соработка помеѓу двете земји, која се однесува на билатерални обуки, вежби и модернизација на македонската Армија.

Република Северна Македонија претставува значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа, рече началникот на Вооружените сили на Германија, генерал Карстен Бројер, кој е во официјална посета на Армијата.

По приемот со високи воени почести, во Генералштабот тој оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

За време на средбата со генералот Лафчиски беше реафирмирана долгогодишната соработка меѓу двете армии, која се реализира преку заеднички обуки, вежби, развој на способности и други форми на билатерална воена соработка.

Во текот на официјалните разговори се дискутираше и за актуелната регионална и глобална безбедносна состојба, безбедносните предизвици во зоната на операции на Алијансата, регионалните планови на НАТО за Југоисточна Европа, учеството во меѓународни мисии и операции, како и за процесот на модернизација и опремување на Армијата. Пред делегацијата беа презентирани и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“, кој е еден од најзначајните полигони за обука во Југоисточна Европа.

За време на официјалната посета, генералот Бројер оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски, на која беше потврдена одличната билатерална одбранбена соработка, изградена врз доверба, заеднички вредности и силна посветеност на колективната одбрана.

Соговорниците истакнаа дека двете земји активно работат на натамошно зајакнување на соработката, која ќе придонесе за унапредување на одбранбените капацитети на македонската Армија.

Во изјавите за медиумите, генерал-мајор Лафчиски потенцираше „На денешните разговори ја потврдивме нашата заедничка определба дека ние, сојузниците, сме обединети околу нашата примарна мисија – заштита на секоја педа од територијата на НАТО“, нагласувајќи дека Армијата останува целосно посветена на спроведување на одлуките на Алијансата и усвоената Декларација на Самитот на НАТО во Анкара.

Генералот Бројер истакна дека Германија отсекогаш ја поддржувала нашата држава на нејзиниот пат кон членството во НАТО, а по приемот во Алијансата партнерството меѓу двете земји дополнително се продлабочи.

Тој нагласи дека Република Северна Македонија претставува значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа и дека нејзиниот придонес кон регионалната и колективната безбедност е високо ценет од Германија.

„Нашата заедничка цел е јасна – да го зајакнеме европскиот столб на НАТО преку единство, развој на способности, конкретен воен придонес и преку тесна соработка меѓу доверливи сојузници, партнери и пријатели“, рече генералот Бројер во изјавата за медиумите.

Во рамките на посетата на нашата држава, генералот Бројер ќе оствари средби и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

„Посетата на генералот Бројер претставува потврда на докажаното билатерално партнерство меѓу Армијата и Вооружените сили на СР Германија, како и на заедничката определба за понатамошно унапредување на соработката во интерес на регионалната и колективната безбедност", велат од Армијата.