Левица по труењето во Гостивар: Време е да се признае колку државата назадува од Југославија наваму

Макфакс

17/07/2026

19:30

205

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку социјалните мрежи ја споредува денешната состојба во Македонија со онаа од поранешна Југославија, истакнувајќи сериозно назадување, особено во поглед на загадувањето, урбанизмот и културното наследство во градови како Гостивар, Тетово и Дебар.

По актуелната состојба во Гостивар, каде повеќе од илјада граѓани побарале лекарска помош, а поради сомнеж за неисправна вода за пиење, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку објава на социјалните мрежи направи споредба меѓу состојбата во поранешна Југославија и денешната состојба во Македонија, осврнувајќи се на деградацијата на животната средина, јавната инфраструктура, урбанизмот и културното наследство.

„Во Југославија, особено во текот на 70-тите и 80-тите години: Никогаш не се случило во Гостивар да се затрујат над 1000 жители на градот поради отровна вода што доаѓа од градскиот водовод, кој, патем, на диво црпел вода од Вардар – река што извира токму во Гостивар и која никогаш не била позагадена отколку денес. Нема споредба меѓу состојбата на Вардар во времето на Југославија и денес во бинационална Македонија.

Никогаш не се случило градот под Шар Планина – Тетово – да страда за вода и да биде толку нечист и екстремно загаден како што е денес. Напротив, Тетово важело за еден од најчистите градови и град со една од најубавите питки води.

Никогаш во Дебар немало толкава депонија на ѓубре како што е денешната градска депонија, која, кога ќе се запали, целиот град, па дури и околните села, ги соочува со густ и токсичен чад. Сето тоа предизвикува огромно загадување на воздухот и сериозни респираторни проблеми кај локалното население. За Дебарското Езеро воопшто не треба ни збор да стане: во Југославија тоа бил бисерот на Дебар, а денес е канализација на Дебар“, стои во објавата.

Во Струга, како што истакнува пратеникот на Левица, никогаш плажите не биле толку полни со пластика и разно друго ѓубре, ниту, пак, биле толку окупирани со бетон од приватни лица кои буквално си го присвоиле крајбрежјето.

„За состојбата на тоа одморалиште, сега не ми текнува како се викаше, исто така не треба ни збор да стане – тоа некогаш беше светол симбол на летото, а денес е мрачно мочуриште. Депонија никогаш немало во Струга; тоа е појава на бинационална Струга – „Мерколенд“.

Населбата Чаир, и тогаш и сега е една од најгусто населените општини, но топењето на површината на јавен простор во последниве 25–30 години е запрепастувачки драматична. Населбата се трансформира во насока на урбана, сообраќајна и инфраструктурна деградација: Блокови со згради од по 50 и повеќе станбени единици се градат без ниту десет паркинг места. Паркинг буквално нема, а зеленило уште помалку, што е логична последица на недостигот од ниту 50% од потребниот капацитет за паркирање“.

Чаршијата, иако е заштитена како културно наследство, според него, со години го губи својот историски сјај и автентичност токму под притисокот на неконтролираната урбанизација во Општина Чаир.

„Реновирање на диво на дуќаните, ПВЦ и алуминиумска дограма, рекламни паноа – сè блешти како да си во „ред дистрикт“, а не во комерцијален центар наследен пред повеќе од три века. За дивоградбите и надградбите не треба ни да се зборува, доволно е само да се помине низ главната улица на Чаршијата.
Капан-ан беше реновиран во Југославија, при што целосно ја задржа својата автентичност. Во бинационална рамковна Македонија, Капан-ан се претвори во место за фиксање и магацин на евтина роба.

Џамијата „Султан Мурат“, онаа кај Саат-кулата, е една од највредните џамии изградени во Отоманска Империја. Таа била царска („Хјункјар џамија“), во чест на султанот Мурат II, а не на тогашната улема пандан на денешна ИВЗ. Во таа џамија теписи биле носени од Египет, орнаменти од Сирија, имало гравури со Давидови ѕвезди и разновидни украси, какви што ретко се среќаваат на друго место. Дури мислам дека е една од најстарите зачувани џамии на Балканот. Денес теписите ги нема, дел од петокраките се истружени, а има и влага. И да, оваа џамија во големиот земјотрес во Скопје претрпела голема штета, но Југославија тоа експресно го санирала и го надоместила.

Што сакам да кажам? Како, побогу, дојдовме до тоа знаменитости во чест на југословенски херои, како Цветан Димов, Јосип Броз Тито, Август Цезарец, Никола Вапцаров, Моша Пијаде, Борис Кидрич, или улици и булевари со имиња како „Втора Македонска Бригада“, „ЈНА“, „Кемал Сејфула“ и слично, да станат непожелни за Албанците, па дури и да ги доживуваат како атак врз нивното бивство, поради што ги менуваат со имиња како „Командант Тели“ и „Адем Демачи“?! Каде ли се заглавил вентилот на вистината, па не може да бликне во суровата реалност на оваа очигледна контрадикција на историјата?”, пишува во објавата пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил.