Beach Film Festival, фестивалот на нов европски филм, се враќа во Охрид од 22 до 26 јули 2026 година со своето деветто издание. Пет дена, четири локации и десетици филмови под отворено небо — на плажа, на брод и покрај езерото — ќе го претворат Охрид во летна филмска сцена.
Годинашното издание носи официјална селекција на долгометражни, краткометражни и студентски филмови од повеќе европски земји, специјална селекција, детска програма и едукативни содржини. Фестивалот и оваа година останува верен на својата идеја: филмот да биде достапен, споделен и доживеан заедно — под ѕвездите, покрај водата.
Фестивалот започнува ден пред официјалното отворање — на 21 јули на плажа Сараиште, со претпрограма посветена на македонскиот филм.

Претпрограма: вечер посветена на македонскиот филм
Годинашното фестивалско загревање се одржува на 21 јули на плажа Сараиште, со две македонски остварувања под отворено небо, покрај езерото:
20:30 — „Железна тврдина“ на Митко Панов (долгометражен филм)
22:00 — „Самоуништување“ на Ербил Алтанај (долгометражен филм)
Проекцијата на „Самоуништување“ се одржува по повод 30 години од премиерата на овој култен македонски филм. Влезот на плажа Сараиште е бесплатен.

Од отворањето до затворањето
Официјалната селекција на долгометражни филмови се отвора на 22 јули на плажа Славија со „Being Maria“ на Џесика Палид (20:30). Меѓу главните настани на фестивалот е и специјалната проекција на „The Instinct“ на Хуан Албарасин, што ќе се одржи на брод Армада на 25 јули во 21:30 — кино на вода, со езерото наоколу.
Фестивалот се затвора на 26 јули на плажа Славија со специјалната проекција на „Приказната за Силјан“, најновиот филм на македонската режисерка Тамара Котевска (21:00), а истата вечер во 20:45 во Специјалната селекција е и „Silent Cinema“ на Крсте Господиновски.
Во програмата се и краткометражната и студентската селекција — меѓу нив „Rituals“ на Филипо Мараско, „Dear Mother“ на Теодор Солин и „Shadows of the Moon“ на Тина Величковиќ — како и специјална програма на современиот турски филм со „One of Those Days When Hemme Dies“ на Мурат Фиратоглу и „As We Breathe“ на Сејхмус Алтун, реализирана со поддршка на Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија.
Меѓународно жири
За наградите на деветтото издание ќе одлучува меѓународно жири составено од автори и професионалци од четири земји:
- Ана Хут (Полска/Берлин) — филмска експертка, професорка на Филмската школа „Кшиштоф Кјешловски“ и експерт на програмата Creative Europe MEDIA.

- Кеми Перес (Канарски Острови, Шпанија) — режисер, продуцент и сценарист, автор на документарецот „Shirampari: Legacies of the River“, дел од официјалната селекција на Sundance 2023.
- Хана Грос (Канада) — актерка и режисерка, позната по улогите во „The Adults“, „Falling“ и „The Mountain“, како и по серијата „Mindhunter“.
- Срѓан Анѓелиќ (Србија) — сценарист и режисер, автор на култните филмови „Munje!“, „Do koske“ и „Munje Opet!“.

Мастер-класи со членовите на жирито
Едукативниот дел од фестивалот оваа година донесува три мастер-класи, отворени за млади автори, студенти и филмски професионалци, што ќе ги одржат членовите на меѓународното жири:
- Ана Хут — 23 јули, 17:00 часот, брод Армада. Со поддршка на Канцеларијата на Креативна Европа МК и Агенцијата за филм на РСМ.
- Кеми Перес — 24 јули, 18:00 часот, Хотел Пела. Со поддршка на Амбасадата на Шпанија во Скопје, AECID и Агенцијата за филм на РСМ.
- Срѓан Анѓелиќ — 25 јули, 18:00 часот, Хотел Пела. Со поддршка на Агенцијата за филм на РСМ.

Работилници и детска програма
Од 22 до 25 јули ќе се одржи и хорор работилница за средношколци и млади, посветена на игран хорор филм, под менторство на Ангела Грозданов и со поддршка на Goethe-Institut Skopje. Во програмата се предвидени и средби со авторите на прикажаните филмови.
Најмладите посетители и оваа година имаат своја програма — детските проекции се одржуваат на плажа Сараиште, во соработка со Institut français, Goethe-Institut Skopje и Амбасадата на Република Словенија.
Локации и влезници
Проекциите се одвиваат на четири локации во Охрид, со различен режим на влез:

- Плажа Славија — 150 денари (влезници онлајн и на самото место, на денот на проекциите)
- Плажа Сараиште — бесплатен влез
- Брод Армада — 200 денари (влезници само онлајн, во ограничени количини)
- Младински центар Охрид — бесплатен влез

Влезниците се достапни онлајн преку tix.mk, а линкот за продажба е достапен и преку официјалниот Instagram профил на фестивалот. Целосната програма е објавена на bff.mk.
„Beach Film Festival го градиме со многу љубов и ентузијазам, а секоја година се обидуваме да донесеме филмови што ќе ја изненадат публиката и ќе создадат нови разговори. Охрид има посебна енергија во лето, а кога ќе се спојат филмовите, зајдисонцата и луѓето, се создава атмосфера што не може да се доживее никаде на друго место. Најголемата награда за нас е кога ќе видиме полна публика и ќе почувствуваме дека филмот навистина ги поврзал луѓето под истото небо покрај Охридското Езеро.“ — Моника Зафировска, Head of PR and Marketing, Beach Film Festival.









