Новиот филм на Кристофер Нолан, „The Odyssey“, пристигна во кината, а социјалните мрежи ги преплавија реакциите на гледачите за една особено впечатлива сцена.
Публиката најмногу ја вознемирил звукот што се слуша во филмот, а многумина тврдат дека долго време нема да го заборават, пишува „LADbible“.
Американскиот телевизиски водител Кајл Брант ги сподели своите впечатоци на платформата X. „Во „The Odyssey“ постои звук од кој сè уште не сум закрепнал. Не ми излегува од главата. Никогаш не сум слушнал ништо слично“, напиша тој.
Гледачите не престануваат да зборуваат за крикот на Киклопот
Објавата на Брант предизвика бројни коментари, а многумина заклучија дека тој зборува за крикот на Киклопот. Станува збор за еднооко митско суштество од грчката митологија и една од пречките со кои Одисеј, кого во филмот го глуми Мет Дејмон, се среќава при враќањето дома од Тројанската војна.
Киклопот уште во најавите за филмот изгледаше вознемирувачки, но според реакциите на публиката, неговиот крик во филмот е уште пострашен. „Тоа беше крикот на Киклопот, сигурен сум, бидејќи сè уште размислувам за него“, му одговорил еден корисник на Брант.
„Откако го слушнав тој крик во IMAX, мислам дека извесно време нема да им се приближувам на пештерите“, се пошегувал друг.
Еден гледач ја опишал сцената како истовремено застрашувачка и импресивна. „Тој звук беше страшен, морничав и неверојатен. Целата сала се тресеше. Го почувствував во коските. Чиста филмска уметност. Нолан е мајстор на спектаклот“, напишал тој.
Мет Дејмон предупреди дека филмот е многу гласен
„The Odyssey“ е една од најстарите зачувани приказни, а Нолан се обидел нејзините епски размери да ги пренесе на големото платно снимајќи го филмот во форматот IMAX 70mm. Освен впечатливите сцени, важна улога во филмот има и звукот.
Мет Дејмон во подкастот „Good Hang“ на Ејми Полер ги предупреди гледачите да се подготват за многу гласно и интензивно искуство.
„Филмот е голем и гласен, навистина е гласен“, рекла Полер, а Дејмон се согласил. „IMAX е интензивен, но неверојатен“, додала водителката. „Целото искуство беше такво. Фантастично“, заклучил Дејмон.
Музиката за филмот ја компонирал шведскиот композитор Лудвиг Јерансон. Ова е негова трета соработка со Нолан, по филмовите „Oppenheimer“ и „Tennet“. Јерансон ја компонирал и музиката за филмот „Sinners“, а со години соработува со режисерот Рајан Куглер, со кого работел на пет проекти.

Што се знае за „The Odyssey“?
Хомеровиот еп настанал меѓу 725 и 675 година пред Христа, што значи дека е стар повеќе од 2.500 години. Иако голем дел од приказната е митолошки, историчарите и понатаму расправаат за тоа дали Тројанската војна навистина се случила.
Авторството на епот му се припишува на Хомер, но за него се знае многу малку. Не е познато ниту дали Хомер бил една личност или станува збор за име зад кое стоеле повеќе поети.
Филмската адаптација на Нолан трае два часа и 52 минути.









