[ФОТО] Ѓорѓиевски уверува дека попладнево нема да има поплавени улици и отсечени населби: Град Скопје е спремен за најавеното силно невреме

Макфакс

21/07/2026

16:39

1.102

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека градот е подготвен за најавеното силно невреме, со интензивно расчистување на шахтите и сливниците за да се намали ризикот од поплави и да се обезбеди безбедност на граѓаните.

Град Скопје е подготвен за најавеното силно невреме, објави на „Фејсбук“ градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со фотографии од чистење шахти и сливници низ градот. Тој доби силни забелешки и од граѓаните и од опозицијата по невремето од почетокот на месецов кога јавниот сообраќај сопре, неколку скопски населби до кои се стигнува преку подвозници и кружни текови останаа отсечени од градот и имаше стотина пријави за поплави.

„Екипите на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје денес, како и секојдневно во континуитет, вршат интензивно расчистување на канализациската линија, шахтите и сливниците, со цел да се обезбеди непречено прифаќање и одведување на атмосферските води и да се намали ризикот од поплавување на критичните точки во градот.  Согласно најавите на УХМР, во попладневните часови се очекува силно невреме. Кризниот штаб на Град Скопје одржа состанок, целосно е мобилизиран, а екипите ќе бидат постојано присутни на терен, подготвени навремено да интервенираат и да се справат со можните последици“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

Градоначалникот апелира граѓаните да не фрлаат отпад во шахтите, сливниците и на јавните површини, бидејќи го блокираат протокот и оневозможуваат правилно одведување на дождовната вода.

„Град Скопје останува буден, мобилизиран и во целосна служба на граѓаните“, вели градоначалникот во пресрет на невремето.

Управата за хидрометеорологија за попладне најави пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме со град.

Слична беше и прогнозата за први јули, кога кусото невреме претвори во големи базени многу улици во градот.