Министерот Панче Тошковски ја посети општина Гостивар каде заедно со други министри и институции презема мерки за надминување на загадувањето на водоснабдителниот систем. Владата прогласи кризна состојба со цел да обезбеди безбедна вода за граѓаните и да ги расчисти сите детали за водењето на водата и одговорностите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, како дел од владината делегација, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски и портпаролката на Владата Марија Митева, престојуваше во Гостивар, каде беа реализирани активности за координација на институциите и преземање мерки за надминување на состојбата предизвикана од загадувањето на водоснабдителниот систем во општината.
Тошковски истакна дека Владата, веднаш по препораката на Групата за проценка, донела одлука за прогласување кризна состојба на територијата на Општина Гостивар, со цел да се стават во функција сите расположливи државни механизми и експертски капацитети за што побрзо нормализирање на состојбата.
„Државата се вклучи со сите свои капацитети затоа што наш приоритет е што побрзо да ја нормализираме состојбата и да обезбедиме безбедна вода за граѓаните. На терен веќе работат експертски тимови кои вршат детални анализи на водоснабдителниот систем и земаат мостри на повеќе локации. Нема да носиме избрзани заклучоци, туку ќе постапуваме исклучиво врз основа на стручните анализи и препораките на експертите“, истакна министерот Тошковски.
Тој нагласи дека до целосно завршување на анализите и потврдата од надлежните институции дека водата е безбедна, граѓаните треба доследно да ги почитуваат препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство и на здравствените власти.
„Ниту ќе шпекулираме, ниту ќе даваме проценки кога водата ќе може повторно да се користи. Граѓаните ќе бидат навремено информирани веднаш штом експертите ги завршат анализите и ќе потврдат дека се исполнети сите услови за безбедна употреба. Единствено важно во овој момент е да се следат препораките на надлежните институции, со цел што побрзо и безбедно да излеземе од оваа состојба“, потенцираше Тошковски.
Во однос на постапката за утврдување на одговорноста, тој информираше дека Министерството за внатрешни работи постапува во целосна координација со Јавното обвинителство.
„Министерството за внатрешни работи продолжува интензивно да обезбедува докази, додека Јавното обвинителство ја води постапката согласно својте законски надлежности. За секој за кого ќе се утврди одговорност ќе се постапува согласно закон, без исклучок“, нагласи министерот Тошковски.
Владината делегација потенцираше дека ќе продолжи да ја следи состојбата и да обезбедува целосна институционална поддршка сè до нејзиното целосно надминување.











