Едноставен рецепт што мора да го пробате: За само 30 минути подгответе лазањи со тортиљи

Точка

21/07/2026

21:06

234

Големина на фонт

а а а

За љубителите на лазањи кои сакаат да уживаат во омилениот вкус без долготрајна подготовка, постои поедноставна алтернатива. Лазањите со тортиљи се подготвуваат лесно и брзо.

Сочно мелено месо, зеленчук, доматен сос и слоеви растопено сирење се редат меѓу тортиљите, создавајќи вкусно и заситувачко јадење што се подготвува брзо и едноставно.

Состојки:

• 4 пченични тортиљи
• 500 гр. мешано мелено месо
• 200 гр. сирење по избор
• половина црвена пиперка
• половина зелена пиперка
• 1 поголема главица кромид
• 300 мл. пасиран домат
• 2 лажици масло
• 1 лажичка сув зачин
• половина лажичка мелен црн бибер
• 1 лажичка суво оригано


Подготовка:

За почеток, ситно исечкајте ги кромидот и двете пиперки, а сирењето изрендајте го на крупно ренде. Во поголема тава загрејте го маслото, додајте го меленото месо и пржете го неколку минути со повремено мешање за рамномерно да се испече.

Зачинете го месото со сув зачин, црн бибер и оригано, а потоа додајте ги кромидот и пиперките. Сè заедно кратко динстајте додека зеленчукот не омекне.

Потоа додајте го пасираниот домат, промешајте и гответе уште неколку минути за да се соединат сите вкусови.

Кога филот ќе биде готов, следува редењето на лазањите. Обложете кружен калап за печење со хартија за печење, ставете една тортиља на дното, потоа распоредете дел од филот со месо и посипете со сирење. Повторувајте ја постапката додека не ги потрошите сите состојки, а завршниот слој нека биде рендано сирење.

Подготвените лазањи со тортиљи посипете ги со малку оригано и печете ги во претходно загреана рерна на 180 до 185 степени околу 20 минути, односно додека сирењето целосно не се растопи и не добие златна боја.

По печењето, оставете го јадењето неколку минути да отстои за полесно да се сече. Послужете го додека сè уште е топло и уживајте во брзата верзија на омилениот класик. Добар апетит!