[ФОТО] Како божица од Олимп: Принцезата Шарлин го воодушеви Монако со сензационална креација во стилот на златното доба на Холивуд

Точка

21/07/2026

16:57

833

Големина на фонт

а а а

Додека целиот свет со големо внимание ги следеше случувањата во Њујорк, каде што на финалето на Светското првенство во фудбал присуствуваа некои од најмоќните жени на планетата, како Меланија Трамп, кралицата Летиција или Мадона, во малото кнежевство на Азурниот Брег погледите и воздишките ги привлекуваше уште една, според многумина најтивката, икона на стилот – принцезата Шарлин.

Веќе 77 години во Монако се организира Балот на Црвениот крст, една од најпрестижните хуманитарни гала-манифестации во светот, чии покровители се членовите на владејачката династија Грималди. Традиционалниот настан се одржа минатиот викенд во „Salle des Étoiles“, свечената сала на комплексот „Sporting“ во Монте Карло, а домаќини, како и секогаш, беа принцот Албер и неговата сопруга, принцезата Шарлин, претседател и потпретседателка на Црвениот крст на кнежевството.


Што и да облече, таа секогаш се наоѓа во центарот на модното внимание. Не е ни чудо што угледните гости со толкаво нетрпение го очекуваа нејзиното пристигнување на гламурозниот бал... Ни овој пат никого не разочара, напротив. Убавата принцеза се појави во спектакуларна креација која многумина ги потсети на златното доба на Холивуд, она што го одбележа и мајката на нејзиниот сопруг, вечната Грејс Кели.

„Таа е чисто злато!“, „Олицетворение на елеганцијата и грациозноста“... се нижеа комплименти и воздишки, потврдувајќи дека принцезата Шарлин е апсолутна икона на стилот на 21 век. Нејзиниот префинет и беспрекорен стил повторно дојде до полн израз, а овојпат во тоа ѝ помогна прекрасниот вечерен фустан од модната куќа „Elie Saab“.


Тоалетата во нијанса на шампањ, проткаена со златни тонови, совршено ја следеше силуетата на поранешната пливачка и олимпијка, која, кога веќе ги споменуваме Игрите, изгледаше токму како божица од Олимп. Моделот со откриени раменици и асиметричен крој, со интересни набори и отворен грб, заедно со прекрасната дама што го носеше, беше ѕвезда на вечерта.

Во духот на филозофијата на тивкиот луксуз, до кој се придржува, стајлингот го надополни со чантичка во слични тонови со светкав ефект и елегантна ретро-фризура, а од накит носеше само обетки – ремек-дело на врвни дански јувелири. Да не ја заборавиме и насмевката, без која во последно време не ја гледаме во јавноста, а се сеќаваме колку тешко беше, не така одамна, истата да ѝ се измами.