Убиен уште еден градоначалник во Мексико, претходно преживеал атентат

Макфакс

23/07/2026

20:40

279

Големина на фонт

а а а

Во Мексико е убиен градоначалникот на Темоак, Валентин Лавин Ромеро, кој претходно преживеал атентат. Нападот се случил во зградата на градската управа, а властите ги истражуваат мотивите и сторителите. Овој напад се случува во контекст на големи акции против корупцијата и криминалот во земјата.

Градоначалникот на мексиканскиот град Темоак, Валентин Лавин Ромеро, е убиен во вооружен напад во зградата на градската управа, пренесува „Гардијан“.

Според властите, напаѓачите среде бел ден влегле во општинската зграда, го застрелале градоначалникот и побегнале со мотоцикл. Засега не се познати мотивот и сторителите, а обвинителството најави темелна истрага.

Лавин Ромеро во јануари годинава преживеал претходен обид за атентат, кога бил нападнат на бензинска пумпа.

Тој е 14. градоначалник убиен во Мексико откако Клаудиа Шејнбаум стана претседателка во октомври 2024 година.

Според локалните медиуми, убиениот градоначалник наводно бил поврзуван со локални криминални групи. Неговата тешта во 2025 година беше уапсена под сомнение за врски со криминална организација и учество во киднапирања.

Убиството се случува додека мексиканските власти спроведуваат широка акција против корупцијата и врските меѓу локалните функционери и организираниот криминал, во која досега се уапсени 85 лица во три сојузни држави. Според официјалните податоци, бројот на убиства во Мексико опаѓа, но повеќе од 130.000 лица сè уште се водат за исчезнати.