На социјалните мрежи се појавија информации за појава на сомнителна бела и пенлива материја која од реката Лепенец се влева во Вардар, а градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека надлежните служби веднаш презеле активности за утврдување на причината.
Според неговите информации, пред околу час и половина до Град Скопје била доставена пријава за непозната материја која од реката Лепенец се влевала во Вардар. Инспекциските служби веднаш излегле на терен, а за случајот биле известени и инспекторите од Министерството за животна средина, кои исто така започнале со проверки.
Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така веднаш излегоа на терен.
Дополнително, од страна инспекциските служби на град Скопје, беше пуштен и дрон за детектирање на причинителот на оваа појава, а службите од ЈП „Водовод и канализација” беа повикани за да земат примероци од реката и веднаш ги испитаат и утврдат за каква материја станува збор“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Градоначалникот посочи дека Град Скопје е во постојана комуникација со Министерството за животна средина и со надлежниот министер, изразувајќи очекување дека причинителот на загадувањето наскоро ќе биде откриен и соодветно санкциониран.
„Толеранција нема да има за никого. Веднаш штом добиеме подетални информации од Министерството кое е надлежно за разрешување на состојбите ќе бидете информирани“, порача Ѓорѓиевски.

Реката Лепенец извира од планината Жар во Косово, продолжува низ Качаничката Клисура и се влева во Вардар. Во близина на местото каде што е забележана пенливата материја има повеќе компании и индустриски објекти.
Слична појава беше забележана и минатата година во канал кој се влева во Вардар кај селото Таор.











