„Airbus“ успешно го заврши маратонскиот пробен лет што траеше повеќе од 24 часа, откако млазниот авион „A350“, кој компанијата го развива за рекордно долги комерцијални летови, во вторникот пристигна во Франција од Мелбурн.
Тестирањето претставува клучен чекор во проектот „Sunrise“ на „Qantas“, чија цел е да ги воведе најдолгите комерцијални патнички летови во светот и целосно да ги промени патувањата на долги релации, овозможувајќи директни летови меѓу Австралија и Европа без меѓуслетување.
Специјално приспособениот патнички авион „A350-1000ULR“ треба во 2027 година да го изврши својот прв лет на директната линија Сиднеј – Лондон на австралискиот авиопревозник „Qantas“.
Вториот најследен лет во историјата
„Airbus“ од јуни спроведува двомесечна тест-кампања на авионот. Компанијата соопшти дека леталото, опремено со дополнителен резервоар за гориво, поминало 24 часа и 24 минути во воздух, прелетувајќи 23.075 километри без ниту едно застанување. На крајот авионот слета во фабриката на „Airbus“ во францускиот Тулуз.
Апликацијата за следење летови „Flightradar24“ објави дека ова бил вториот најследен лет досега, веднаш по оној од 2024 година, кога се превезуваше ковчегот на кралицата Елизабета II. Летот, кој се движеше кон север преку Канада, на „Flightradar24“ го следеле повеќе од 3,6 милиони луѓе.
Директни летови Сиднеј – Лондон и Сиднеј – Њујорк
Во 2005 година, „Boeing 777-200LR Worldliner“ прелета 21.601,7 километри од Хонг Конг до Лондон за 22 часа и 42 минути.
„Qantas“ нарача 12 модифицирани авиони „A350-1000ULR“, дизајнирани да го поврзат источниот брег на Австралија со Лондон и Њујорк за околу 20 часа.
Целта е традиционалното петдневно патување по таканаречената „Kangaroo Route“ до Лондон да се сведе на еден единствен лет, кој ќе трае меѓу 19 и 21 час, во зависност од рутата и временските услови, односно ветерот.
Првиот авион, кој ќе носи 20.000 литри гориво и ќе може да превезува 238 патници, треба да биде испорачан во април 2027 година. „Qantas“ очекува од октомври 2027 година да започне со секојдневни директни летови на линијата Сиднеј – Лондон.








