Пејачот Сем Смит (34) и модниот дизајнер Кристијан Кован (32) се свршија по три години врска.
Среќната вест, за која веќе извесно време се шпекулираше, Смит ја потврдил во интервју за „Њујорк тајмс“.
Новиот албум му го посветил на свршеникот
Веста за свршувачката пристигна помалку од еден месец пред објавувањето на петтиот студиски албум на Смит, „Hazel Eyes“. Музичарот открил дека албумот го именувал според бојата на очите на својот свршеник.

Првата песна од албумот, „Everlasting Love“, почнал да ја пишува вечерта пред нивниот прв состанок. Иако досега најчесто пеел за потешките и помеланхолични страни на љубовта, Смит рекол дека ова е првпат да пишува за љубов која му е возвратена.
Од првите заеднички појавувања до црвениот килим
Парот првпат бил виден заедно во јавност во декември 2022 година, кога во Белата куќа се фотографирале со тогашниот американски претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден. Смит таму настапувал по повод потпишувањето на Законот за почитување на бракот.
Во месеците што следуваа, тие повеќепати беа видени заедно, но врската јавно ја потврдија дури на Мет Гала во мај 2024 година, кога за првпат заедно прошетаа по црвениот килим.

Кован тогаш за „Вог“ го објасни значењето на металните рози на нивните усогласени модни комбинации.
„На самиот почеток од нашата врска му подарив на Сем метална роза. Ова нè потсети на тој момент“, изјавил дизајнерот.
Заедно се појавија и на Мет Гала 2026
Речиси три месеци пред објавувањето на свршувачката, парот заедно се појави и на овогодишната Мет Гала, а и двајцата носеа креации на Кован.
„Оваа креација е љубовно писмо до кралот на модната илустрација и до мојата љубов, Сем. Отсекогаш сум го сакал Ерте и начинот на кој со своите визионерски илустрации ѝ ја доближи костимографијата на пошироката публика“, напиша Кован на Инстаграм.

Тој додаде дека за изработката биле потрошени 255.000 кристали и монистра, како и околу 2.000 часа рачна работа.
Љубовниот живот сака да го задржи за себе
Смит и претходно зборувал дека сака приватниот живот да го држи подалеку од очите на јавноста. Во октомври 2022 година, во интервју за британскиот „GQ“, изјавил дека повеќе не сака јавно да открива детали за своите љубовни врски.
„Во последните неколку години, откако стекнав поголема самодоверба, добивам многу убаво романтично внимание. Тоа е неверојатно искуство“, рекол тогаш.

„Имав врски за кои споделував детали на интернет и повремено зборував за нив, но тоа повеќе не го сакам. Љубовта што ја добиваш од некого е огромен дар што ти припаѓа само тебе. Мојата работа понекогаш може да ја наруши таа чистота“, истакнал Смит.










