Прототипот на електричниот „BMW“ M3 веќе е забележан на патеката Нирбургринг. Спортскиот седан, чиј дизајн се темели на концептот „M Neue Klasse“, на пазарот ќе пристигне следната година. Ќе биде придвижуван од четири електромотори, а според неофицијалните информации ќе развива моќност од речиси 1.000 коњски сили.
Надворешен дизајн
Она што е сигурно е дека Баварците повторно ќе одат до крајност кога станува збор за дизајнот. Предниот браник повторно ќе има впечатлив изглед, со голем довод за воздух кој има триаголен централен носач и хоризонтални елементи. Масивните додатоци на надворешните рабови укажуваат дека серискиот модел би можел да добие вертикални светла за магла, инспирирани од концептниот модел.

Ентериер и погон
Засега сè се темели на претпоставки, но покрај екстремно спортските седишта, внатрешноста најверојатно ќе биде во духот на новиот „i3“. Тоа значи дека може да се очекува системот „Panoramic iDrive“ и инфозабавен екран со дијагонала од 17,9 инчи. Верзијата „M“ најверојатно ќе добие и спортски „M“ волан, профилирани седишта и специфични декоративни детали.
Електричниот „M3“ ќе биде позициониран над верзијата „i3 50 xDrive“. Тој модел располага со погон на сите четири тркала преку два електромотори, развива 463 КС (345 kW) и 645 Nm вртежен момент, додека батеријата со капацитет од 108,7 kWh обезбедува проценет досег од 708 километри. Автомобилот е изграден на 800-волтна архитектура, која поддржува брзо DC-полнење со моќност до 400 kW.

Моќност и официјално име
Новиот „M3“ ќе ги надмине овие перформанси благодарение на погонски систем со четири електромотори. Од „BMW“ велат дека овој систем „го подигнува возачкото искуство и перформансите на патеката на сосема ново ниво“.
Компанијата сè уште не ги објавува официјалните технички спецификации, но неофицијалните информации укажуваат на моќност која ќе се движи од 691 КС (515 kW) до дури 986 КС (735 kW).

За споредба, се очекува конкурентниот електричен модел „Mercedes-AMG“ C-Class да развива околу 789 КС (588 kW).
Иако конечните податоци сè уште се чуваат во тајност, „BMW“ веќе навести дека автомобилот нема да се вика „i3 M“. Наместо тоа, моделот ќе ја носи ознаката „Electric M3“ или „M3 EV“.
Со тоа, компанијата сака јасно да нагласи дека станува збор за „вистински“ M3, а не само за негова електрична алтернатива.






