Ова се најекономичните електрични автомобили на денешницата

Точка

04/08/2026

20:51

487

Големина на фонт

а а а

Со растот на цените на електричната енергија и сè поголемиот акцент на трошоците за возење, досегот повеќе не е единствениот важен параметар при купување електричен автомобил.

Сè повеќе купувачи ги интересира колку километри може да помине автомобилот со еден киловат-час (kWh) електрична енергија, односно колку е енергетски ефикасен.

Врз основа на официјалните WLTP податоци е составена листа на најекономичните електрични автомобили на европскиот пазар, а на врвот се најде модел кој успева да помине дури 10 километри со еден kWh енергија.


На деветтото место се наоѓа „Cupra“ Raval со ефикасност од 8,58 km/kWh, пред „Volkswagen“ ID. Polo (8,73 km/kWh). Следуваат „Tesla“ Model Y (8,90 km/kWh), „Mercedes“ CLA Shooting Brake EQ (9,02 km/kWh) и кинескиот „Dongfeng“ Vigo (9,24 km/kWh).

Четвртото место му припадна на „Mercedes“ CLA EQ, кој благодарение на одличната аеродинамика постигнува 9,34 km/kWh. На третото место се наоѓа „Dacia“ Spring, еден од најприфатливите електрични автомобили на пазарот. Со батерија со капацитет од само 24 kWh, постигнува ефикасност од 9,42 km/kWh.


На второто место е новиот „Renault“ Twingo E-Tech. Овој градски електричен автомобил, чиј дизајн е инспириран од оригиналниот Twingo од деведесеттите години, постигнува 9,74 km/kWh благодарение на компактната батерија од 27 kWh.

Првото место му припадна на „Tesla“ Model 3. Во „Premium“ изведба, со батерија од 75 kWh и електромотор со 320 КС, според WLTP може да помине до 750 километри, што значи дека од секој киловат-час извлекува дури 10 километри возење.

Резултатите покажуваат колку аеродинамиката, масата на возилото и ефикасноста на погонскиот систем се важни за потрошувачката на енергија. Токму затоа меѓу најуспешните не се само малите градски автомобили, туку и модели како „Tesla“ Model 3 и „Mercedes“ CLA EQ, кои благодарение на внимателно оптимизираниот дизајн постигнуваат исклучително ниска потрошувачка на електрична енергија.


Најекономични електрични автомобили според WLTP

1. Tesla Model 3 – 10,00 km/kWh

2. Renault Twingo E-Tech – 9,74 km/kWh

3. Dacia Spring – 9,42 km/kWh

4. Mercedes CLA EQ – 9,34 km/kWh

5. Dongfeng Vigo – 9,24 km/kWh

6. Mercedes CLA Shooting Brake EQ – 9,02 km/kWh

7. Tesla“ Model Y – 8,90 km/kWh

8. Volkswagen ID. Polo – 8,73 km/kWh

9. Cupra“ Raval – 8,58 km/kWh