МФ: Транспарентно и одговорно управуваме со јавните финасии, издавањето на државните хартии од вредност е согласно планот од Буџетот и објавениот Календар за емисии на ДХВ

Макфакс

05/08/2026

14:10

128

Големина на фонт

а а а

Министерството за финансии ја информира јавноста дека издавањето на државните хартии од вредност се одвива согласно планираниот буџет и календарот за емисии, а податоците за реализација на буџетот за првите седум месеци од 2026 година покажуваат раст на приходите и навремено сервисирање на обврските.

Министерството за финансии информира дека издавањето на државните хартии од вредност коишто од денеска котираат на официјалниот пазар на Македонска берза се дел од планираното задолжување на домашниот пазар согласно усвоениот Буџет и Ребаланс за 2026 година во Собранието. Дополнително издавањето на овие емисии на државни хартии од вредност се транспарентно објавени на веб страницата на Министерството за финансии во календарот на аукции на државни хартии од вредност за третиот и четвртиот квартал, којшто се објавува во текот на јуни 2026 година. Исто така, транспарентно на веб страницата се објавени и проспектите за одржување на аукциите со условите и датумот на одржување.

Имено, денеска, претходно МФ објави податоци за реализацијата на Буџетот за периодот 01 јануари-31 јули 2026 година согласно кои приходите во Буџетот се прибираат согласно планот и бележат раст во споредба со истиот период претходната година и истовремено навремено се сервисираат обврските.

Податоците за реализација на Буџетот за 2026 година покажуваат дека вкупните приходи заклучно со 31 јули се реализирани во износ од 204,553 милијарди денари што е 53,9% од планираното и бележат раст од 9,3% во споредба со истиот период претходната година. Приходите од даноци, како изворни приходи, се реализирани во износ од 117,963 милијарди денари или 55,33% од планот и со раст во споредба со истиот период претходната година од 10%.

Кај даночните приходи најголема реализација согласно планот од 62,8% е евидентирана кај Данокот на добивка од којшто во Буџетот се слеани 16,687 милијарди денари што е раст од 20,6% во споредба со седумте месеци од 2025 година. Реализација од 56,78% од планираното има кај ДДВ со остварени 53,026 милијарди денари или раст од 13,4% во споредба со периодот 01.01.-31.07.2025 година. Од Данок на личен доход се остварени 20,925 милијарди денари или 53,93% од планот и раст во споредба со истиот период лани од 11,9%. Увозните давачки се реализирани во износ од 9,361 милијарди денари што претставува 56,4% од планот и бележат раст од 10,3%. Истовремено е извршен и поврат на ДДВ кон компаниите во износ од 23,333 милијарди денари што е за 3,5% повеќе од извршениот поврат во периодот јануари-јули 2025 година.

На расходната страна значајна реализација има кај капиталните расходи во износ од 21,288 милијарда денари што е раст од 39,6% во споредба со реализацијата на капиталните расходи во првите седум месеци од 2025 година.

Исто така, извршена е исплата на 49,351 милијарда денари обврски по основ на стари долгови на странскиот пазар, како и 11,665 милијарди денари отплати кон домашни кредитори. Во овој период се исплатени и обврзници по основ на денационализација во износ од 308 милиони денари, соопшти Министерството за финансии.