Извонредно откритие: Активната состојка на вијагра ги запира метастазите

Точка

06/08/2026

15:02

1.472

Големина на фонт

а а а

Израелските научници објавија резултати од истражување кои покажуваат дека силденафилот, активната состојка во вијагра, може да го забави или спречи ширењето на одредени видови рак со блокирање на снабдувањето на клетките со холестерол, што е клучно за формирање на метастази.

Истражувањето објавено во списанието „Cancer Research“ го спроведоа научници од Институтот Вајцман во соработка со Националниот институт за рак на САД и израелскиот здравствен систем „Клалит“. Истото се базираше на експерименти врз глувци, култури на човечки туморски клетки и податоци собрани во текот на 20 години од околу пет милиони пациенти.

Силденафил и статини

Научниците открија дека силденафилот, лек кој се наоѓа во вијагра, го попречува транспортот на холестерол во клетките на ракот, отежнувајќи им го создавањето на метастази. Кога го комбинирале силденафилот со статини, лекови за намалување на холестеролот, ефектот бил уште поизразен бидејќи статините ги спречувале клетките на ракот сами да создаваат нов холестерол, пренесе „Тајмс оф Израел“.


Анализата на податоците покажала дека пациентите кои консумирале и силденафил и статини шест месеци пред дијагнозата на рак имале најдобри стапки на преживување.

На кои видови на рак влијае?

Истражувањето се фокусираше главно на рак на дојка, меланом и рак на белите дробови, додека податоците од пациентите потврдија слични резултати и кај ракот на белите дробови, дебелото црево и простатата.

Раководителката на истражувањето, професорката Ајелет Ерез истакна дека следниот чекор е да се спроведат клинички испитувања, особено кај жени со рак на дојка.


Независни експерти проценуваат дека резултатите отвораат можност за пренамена на постојните и широко достапни лекови во третманот на ракот, но нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања и клинички испитувања пред да можат да се користат во клиничката пракса.