Актерот Брус Вилис со години живее со фронтотемпорална деменција, која влијае на меморијата и говорот.
Неговото семејство е постојано со него, а неговата сопруга Ема Хеминг Вилис е негова најголема поддржувачка и негувателка.
Таа неодамна откри дека постојат три различни вида фронтотемпорална деменција и дека онаа што ја има нејзиниот сопруг влијае на јазикот и способноста за говор.

Иако денес актерот, за жал е сенка од она што беше поради последиците од болеста, кога првпат се запознаа, тој ја шармирал со својата харизма и духовитост.

Имено Хеминг неодамна била гостинка во поткастот „Making Space“ каде зборувала за нивната прва средба во теретана пред речиси 20 години.
„Неговото време беше пред моето и ние некако се преклопувавме, а она што го паметам за него е колку беше топол и харизматичен, колку беше смешен, но секогаш навистина одвојуваше време да дознае повеќе за мене“ раскажала Ема.

Како што истакнала, таа пораснала гледајќи ја серијата „Случајни партнери“, но никогаш не била љубител на акциони филмови, па затоа и не размислувала за Брус Вилис.

„Затоа кога го запознав, ѝ кажав на мајка ми дека го запознав Брус Вилис и дека е навистина прекрасен човек. Мама ми рече: „Што правиш? Свршена си“. Јас ѝ реков: „Не, не, не. Да, бев свршена во тоа време, но го запознав и само го забележав тоа“, рекла Ема.

Во тоа време, таа била свршена со претприемачот Бренд Болтхаус, но дури неколку години подоцна, кога свршувачката се раскинала, Брус и Ема отишле на нивниот прв состанок.
„Дури години подоцна, откако за среќа мојата свршувачка пропадна, отидовме на нашиот прв состанок и јас едноставно уживав во неговото друштво. Имаше нешто многу топло, безбедно и забавно во тоа. Мојот сопруг едноставно зрачи со животна енергија и тоа беше навистина прекрасен период. Тоа беше одличен период од нашите животи, заклучила Ема.

Ема и Брус почнаа да се забавуваат во 2008 година и се венчаа во 2009 година.
Тие имаат две ќерки Мејбл и Евелин, а Вилис од бракот со актерката Деми Мур има уште три ќерки Румер, Скаут и Талула.






