СДСМ: По навредите од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, сега навреди и од Стоилковиќ

Макфакс

07/08/2026

12:40

167

Големина на фонт

а а а

СДСМ ја обвинува власта за оркестрирана кампања на навреди, омраза и поделби, со посебен фокус на изјавите и поведението на Христијан Мицкоски и Иван Стоилковиќ, истакнувајќи дека овие практики се опасни за општеството и го загрозуваат националното обединување.

СДСМ ја обвини власта за, како што велат, оркестрирана кампања на навреди, омраза и поделби меѓу граѓаните, посочувајќи дека по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, ваков речник се промовира и на Фејсбук-профилот на вицепремиерот Иван Стоилковиќ.

„Народот го гледа вистинското лице на криминалната власт на Мицкоски. Навреди, сеење омраза и поделби меѓу граѓаните и меѓу македонскиот народ“, рече на прес-конференција Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Таа го обвини Мицкоски дека и на Илинден, наместо да испрати порака за национално обединување, го отворил говорот со зборот „талог“.

Според Поповиќ, подолго време се води „оркестрирана кампања на омраза и навреди“, во која се употребуваат зборови како „талог на општеството“, „мочуриште“, „медиокритети“, „мекотели“ и „глодари“.

Од СДСМ тврдат дека кампањата продолжува со уште понавредлив речник, а Поповиќ како примери ги наведе изразите „кловновска дружина“, „комуњарско коњиште“, „духовен изрод“, „евтин хохштаплер“ и „смешен кловн со две леви нозе“.

„И вакви текстови Иван Стоилковиќ ги промовира на својот Фејсбук-профил. Тој е министер во Владата на Христијан Мицкоски“, рече Поповиќ.

Таа ги поврза ваквите пораки и со нападот врз деца во Ново Село, тврдејќи дека биле нападнати затоа што носеле транспарент дека водата во Гостивар е загадена.

„Сите овие методи се видени во Германија во триесеттите години од минатиот век. Фашистички методи во 21 век во Македонија. Српскиот свет на Вучиќ влегува на мала и на голема врата“, рече Поповиќ.

Од СДСМ ја обвинија власта дека ја држи земјата во изолација, дека нема резултати и дека нејзините, како што велат, лаги повеќе не поминуваат.

„Македонија нема ова да го дозволи. Наскоро доаѓа времето на вистината и правдата. Македонија ќе победи“, порача Поповиќ.