Д-р Драган Иванов од раѓање не јаде риба и месо: „Луѓето кои ги почитуваат овие правила за спиење, исхрана и живот – живеат многу подолго“

Точка

14/08/2026

15:10

907

Големина на фонт

а а а

Проф. д-р Драган Иванов е специјалист по интерна медицина и основач и претседател на Вегетаријанското здружение „Еден“ во Нови Сад. Од раѓање никогаш не јадел месо и риба, а неговите совети за здрав живот многумина од регионот внимателно ги слушаат.

Еве што, накратко, раскажал за некои од основните начела што треба да ги почитуваме доколку сакаме да живееме здраво и долго.

„Навечер треба да си легнуваме навреме. Особено децата и младите во пубертет. Важно е да си легнат пред 22 или 23 часот. Кога ќе си легнеме навреме, ќе се наспиеме, ќе се синтетизира мелатонин и тој, заедно со хормонот за раст, ќе го регенерира нашиот мозок и целиот организам. Наутро, веднаш штом ќе станеме, треба да го активираме мозокот. Како? Така што ќе му дадеме енергија. Најдобар извор на енергија за нашиот мозок и за целиот организам се медот и овошјето. Нашиот мозок функционира исклучиво на гликоза. Затоа децата не треба да одат на училиште, ниту ние да почнуваме што било да работиме, без претходно да внесеме природни, непреработени јаглехидрати кои се наоѓаат во медот, овошјето и интегралните житарки“, објаснил д-р Иванов.


Појадокот, значи, не треба да го прескокнуваме, а на работа, како што рекол овој професор, треба да одиме со велосипед или пеш.

„Можеби ќе изгубиме малку повеќе време, но на тој начин истовремено правиме две работи. Одиме на работа, а истовремено се рекреираме и престојуваме на сонце. Ако работиме седечка работа, треба да бидеме свесни дека по 3-4 часа седење, 80% од мозокот се инхибира – се исклучува. Треба да го прекинеме седењето и гледањето во екран или во документи и 5-10 минути да се раздвижиме. Така мозокот повторно ќе се активира и сите тие обврски ќе ги извршиме поефикасно“, истакнал докторот.

Тој истакнал дека е многу важно секој ден да најдеме време за физичка активност во траење од 45 до 60 минути, но и за престој на сонце. Идеално време, според него е кога сонцето изгрева и кога заоѓа.

„Тогаш сонцето е во нашето видно поле, ќе се синтетизира витаминот Д, но уште поважно, мелатонинот и серотонинот“, објаснил проф. Иванов.


Кога ќе дојде време за ручек, најдобро е да избираме мешунки, а вечерата, како што нагласил докторот, да ја прескокнеме.

Тој се осврнал и на темата за емоциите, за кои тврди дека можат да бидат токсични исто како високиот холестерол и чадот од тутун.

„Изолацијата и осаменоста, како и тешкотиите во комуникацијата со другите луѓе, се потоксични за нашето здравје од чадот од тутун. На децата од седум години нема да им дадеме марихуана, но им даваме друг токсин кој е поопасен од марихуаната. А тоа е прекумерната употреба на електронски уреди и социјални мрежи. Тоа е потоксично за децата отколку пушењето марихуана“, нагласил д-р Иванов.

Како што рекол, јасно е дека мора да ја користиме таа технологија, но за тоа треба да одвоиме одреден дел од денот, а пред и потоа да ги оставиме уредите настрана и да му посветиме внимание на она што е најважно. А тоа се другите луѓе.

„Од односите со другите луѓе црпиме најмногу среќа и животна радост“, заклучил докторот.