Ѓоковиќ се присети на тешкото детство: „Видов авион како фрла две бомби врз болница, тоа беше хорор“

Точка

20/08/2026

18:15

378

Големина на фонт

а а а

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, повторно проговорил за еден од најтешките периоди од своето детство – бомбардирањето на тогашна Југославија од страна на НАТО во 1999 година.

Во март истата година, неколку недели пред својот 12-ти роденден, Ѓоковиќ заедно со семејството морал да го напушти својот стан во Белград додека експлозии одекнувале низ градот. Неговите потресни сеќавања се дел од новиот документарен филм „Новак Ѓоковиќ: Волкот во зима“, кој се објавува во пресрет на Ју-Ес Опен.

Ѓоковиќ се присетил на една од ноќите кога зградата во која живеело неговото семејство немала засолниште.

„Една од тие први ноќи од бомбардирањето, нашата зграда немаше засолниште. Моравме да одиме во друга зграда“, се присетил Ѓоковиќ.


Како што рекол, глетката што ја видел тогаш останала длабоко врежана во неговото сеќавање.

„Трчавме кон таа друга зграда. Беше ужасна глетка бидејќи беше два или три часот наутро. Беше темно. Гледате луѓе како трчаат наоколу, во паника. Не знаат каде да одат, се обидуваат да си ги спасат животите“, раскажал тенисерот.

А потоа се случил моментот што никогаш не го заборавил.

„Се сопнав и паднав. Го видов моето семејство како трча 12 до 15 метри пред мене. Се обидов да викнам: ’Помош, помош‘. Не ме слушнаа и продолжија да трчаат“, додал Ѓоковиќ.


Ѓоковиќ тогаш се свртел кон својата зграда.

„И видов авион како фрла две бомби врз блиската болница. Стоев на дождот и во темнината …“, истакнал тој.

Неговиот брат Марко, исто така, се присетил на воените години и стравот што семејството секојдневно го преживувало.

„На почетокот тоа беше хорор-приказна. Како мало дете не можете ни да замислите дека нешто такво може да се случи“, изјавил Марко Ѓоковиќ.

И покрај сè, Новак продолжил да тренира и да ја гради својата тениска кариера. Во есента 1999 година, како талентиран јуниор, ја напуштил Србија и заминал во Минхен, каде што тренирал во академијата што ја водел хрватскиот тенисер Ники Пилиќ.


Меѓутоа патот до професионалниот тенис за семејството Ѓоковиќ бил исклучително тежок и финансиски напорен.

Ѓоковиќ открил дека неговото семејство во еден момент било принудено да позајмува пари за да го финансира неговиот тениски развој.

„Економски беше навистина тешко да се издржат финансиските потреби на семејството. Особено кога станува збор за еден од најскапите спортови што можете да ги изберете“, изјавил Новак.

„Целата земја се бореше економски. Луѓето буквално бараа засолниште и се обидуваа да си ги спасат животите, а не размислуваа за тенис“, истакнал тој.


Според него, неговиот татко во еден период морал да позајмува пари од луѓе од криминалното милје: „Поголемиот дел од времето позајмуваме пари од многу погрешни луѓе. За жал, тоа беа криминалци. Сите резерви што ги имавме, тој ги даваше за отплата на долгот“.

Еден разговор со татко му особено му останал во сеќавање.

„Татко ми сметаше дека сум доволно зрел за да преземам дел од товарот и одговорностите што тој ги носеше. Така нè седна сите и извади 10 германски марки. Рече: ’Ова е сè што имаме‘“.

„Ќе направам сè што е можно за да го оствариш својот сон. Но, има една работа што ја барам од тебе. Мора да бидеш 100 проценти посветен на ова. Бидејќи, ако видам дека не си, готово е“, раскажал Србинот.


Ѓоковиќ смета дека тоа искуство го натерало прерано да порасне.: „Морав да станам посериозен, построг, постабилен, повеќе маж отколку момче. Морав да бидам еден вид родител на 13 години. Повеќе не можев да ги изразувам своите чувства, а бев дете“.

Тенисот за Ѓоковиќ во тие тешки години станал своевидно засолниште, но и начин да изгради менталитет што подоцна ќе го следи во текот на целата кариера.

Зборувајќи за зборот „инает“, кој го опишува како пркос и тврдоглавост, Ѓоковиќ објаснил како го користи како дополнителна мотивација.


„Кога луѓето се сомневаат во тебе, кога во суштина сите се против тебе, тогаш го користиш тој ’инает‘, таа сила на тврдоглавоста, за да им докажеш на сите дека не се во право. Тој ’инает‘ всушност е прилично распространет во менталитетот на српскиот народ“, нагласил Ѓоковиќ.

Во документарниот филм, кој трае 90 минути и содржи разговори со неговата сопруга Јелена, родителите и луѓето кои ја одбележале неговата кариера, се зборува и за начинот на кој Ѓоковиќ ги канализира гневот и емоциите на теренот.

Тоа понекогаш вклучувало кршење рекети и конфликти со публиката, но Ѓоковиќ признал дека токму тоа чувство на пркос честопати му помагало.


„Тоа дефинитивно е фактор што ме мотивира. Ако публиката се сврти против мене, го користам тоа за да го разбудам тој воин во себе. Тоа се нарекува ’инает‘“, истакнал Новак.

Андре Агаси, американската тениска легенда и поранешен тренер на Ѓоковиќ, исто така зборувал за менталниот склоп на српскиот тенисер.

„Бев изненаден колку мрачно морал да се чувствува за да го извлече максимумот од себе. За Новак да ја заврши својата работа, му беа потребни страв или лутина“, рекол Агаси.

Ѓоковиќ во текот на кариерата освои 24 гренслем-титули и олимписко злато во сингл, а искуствата од детството честопати ги наведува како еден од темелите на својот исклучително силен менталитет.


Приказната за момчето кое за време на бомбардирањето трчало кон засолниште, а подоцна преку тенисот го пронашло своето прибежиште, така стана еден од клучните делови од приказната за кариерата на еден од најголемите тенисери на сите времиња.