Германската војска ги привлекува младите – со донери

Точка

20/08/2026

21:07

523

Големина на фонт

а а а

Германскиот Бундесвер осмисли нов начин за привлекување кандидати во своите редови. Граѓаните сега можат да се информираат за можностите за вработување во здравствената служба на германската војска со скенирање Кју-ар (QR)-кодови отпечатени на амбалажите за донери што се користат низ целата земја.

Од германското Министерство за одбрана објаснија дека кампањата не е насочена само кон младите кои допрва ја избираат својата идна професија. Со неа сакаат да допрат и до луѓето кои размислуваат за промена на кариерата, како и до квалификувани работници заинтересирани за нов професионален пат.

Кампањата со амбалажите за донери е дел од пошироката стратегија за рекламирање на Бундесверот, чија цел е промотивните пораки да им се доближат на потенцијалните кандидати на места што ги посетуваат во секојдневниот живот.


Сопствениците на рестораните за донери не добиваат надомест за учеството во кампањата, туку доброволно се вклучуваат во дистрибуцијата на промотивниот материјал. За возврат, бесплатно добиваат амбалажа со ознаки и пораки на Бундесверот, наведува Министерството за одбрана, а пренесе „Политико“.

Германија не е единствената европска држава која во последните години се обидува да привлече нови припадници на војската преку неконвенционални кампањи.

Британската армија, на пример, во 2019 година започна рекламна кампања насочена кон групи млади луѓе кои ги опишуваше со изрази како „пречувствителни“, „зависници од селфи“ и „зомби со мобилни телефони“.


Бундесверот сака повеќе од 260.000 војници

Франција во 2024 година започна национална мултимедијална кампања за привлекување нови припадници во вооружените сили. Холандија, пак, од 2023 година им овозможува на младите да поминат една година во униформа и за тоа да добиваат плата.

Новата германска кампања се појави во момент кога Берлин интензивно работи на зголемување на бројот на припадници на своите вооружени сили.


Бундесверот на крајот на јули имаше 186.705 активни припадници, што претставува најголем број во последните 13 години. Германските планови, меѓутоа, се значително поамбициозни.

До 2035 година бројот на припадници на Бундесверот треба да надмине 260.000, за Германија да може да ги исполни целите на НАТО поврзани со потребните воени капацитети.