[ВИДЕО] „Безбеден град“ предизвика хаос на Табановце, Србите револтирани од казните: „А што мислевте, дека ќе возите бесни коли и ќе дивеете низ Македонија без да платите?“

Точка

20/08/2026

08:46

4.274

Големина на фонт

а а а

Воведувањето на системот „Безбеден град“ и за возилата со странски регистарски таблички предизвика вистински колапс на граничниот премин Табановце. Новиот начин на санкционирање на сообраќајните прекршоци, особено казните за пребрзо возење, доведе до километарски колони, повеќечасовни чекања и жестоки вербални препукувања меѓу српските и македонските патници.

Откако системот започна да се применува и за странски државјани, на возачите при излез од државата им се врачуваат прекршочни налози за прекршоци што претходно биле регистрирани од камерите. Поради плаќањето на казните на самата граница, во текот на првиот ден се создаде голем метеж.

Српските туристи, револтирани од долгото чекање, нервозата и изречените казни, на социјалните мрежи споделија низа негативни искуства. Дел од нив ситуацијата ја опишаа како „вистински пекол со расплакани деца и нервозни луѓе“, а некои најавија дека во иднина ќе ја избегнуваат Македонија како транзитна рута кон Грција.


Дел од коментарите можеа да се прочитаат под објавата на „Никана.гр“, каде што беа споделени информации за состојбата на македонско-српската граница.

„Чекавме три часа за да платиме казна од 30 евра“, вели еден од патниците.

„Оваа година одев преку Бугарија, а планирам и следната исто“, вели друг.

„Беше морничаво. Мали деца плачат, луѓе нервозни...тотално неорганизирано. Неколку пати за малку ќе настанеше тепачка“.

„Денеска минавме низ пекол. Најголем проблем е што Македонците имаат само една камера и затоа сите се стуткавме во една колона кај што стои камерата“.

Во туристичките групи и на социјалните мрежи следуваа и низа остри реакции од македонски граѓани, кои сметаат дека сообраќајните правила треба да важат еднакво за сите, без оглед на тоа од која држава доаѓаат возачите.

„Преку Бугарија одете, доста правите гужви кај нас!“, е еден од најчестите коментари од македонска страна.


„А што мислевте, дека ќе возите бесни коли и ќе дивеете низ Македонија без да платите? Платете си!“, реагираат македонските возачи, посочувајќи дека правилата мора да важат еднакво за сите.

„Кога чекате на Евзони по 6 часа ќутите, а тука ви смета кога ве казнуваат за брзо возење“, гласат дел од острите реакции.

„Срамота било што Македонија воведува систем за поголема безбедност на патиштата каде што и Србите гинат, ама не било срамота тоа што истите тие возат 200 на саат каде што е дозволено 80 на саат! Добри сте со паметот?! Вози си по прописи и закони и нема да бидеш казнет и да создаваш километарска колона на граница, многу е просто ама треба тоа мозокот да го уклучите!“, вели македонски граѓанин.

„На кого не му се допаѓа и не ги почитува правилата и законите, слободно нека не оди низ Македонија, нема потреба од навреди и омраза“, порача друг.

Сепак, меѓу реакциите на српските туристи можат да се прочитаат и мислења дека правилата за ограничување на брзината мора да се почитуваат, а глобите за пребрзо возење се легитимни. Дел од нив признаваат дека без оглед на незадоволството од организацијата и долгото чекање, сообраќајните прописи важат насекаде.


Од Министерството за внатрешни работи, пак, по повод метежот на излез од државата, информираа дека денешната состојба е резултат на првиот ден од примената на новиот механизам, со кој се опфатени и претходно евидентираните сообраќајни прекршоци.

„На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, на возачите кај кои системот претходно евидентирал сообраќаен прекршок им се соопштува за истиот и им се издава Записник со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка“, информираат од МВР.

Од полицијата нагласуваат дека целта на системот „Безбеден град“ е да се обезбеди еднаков и неселективен пристап во санкционирањето, без оглед дали возилата се со домашни или странски регистарски таблички.

Од МВР додаваат дека веќе се преземаат мерки за забрзување на процедурата и намалување на времето на чекање, а контролата од „Безбеден град“ постепено ќе се прошири и на сите останати гранични премини во државата.