На голема карпа под пладневното летно сонце седел Абдул Карим Хасан (63), исцрпен од умор и тага, непрестајно гледајќи кон куќите на своите двајца синови на ридот Рас ал-Аин во селото Кусра, јужно од Наблус, во централниот дел на Западниот Брег.
На неколку метри од ѕидовите на трите палестински куќи во тоа место, доселеници на 9 август 2026 година поставиле шатор и почнале да ги држат палестинските семејства во областа под опсада, со цел да ги принудат да ги напуштат своите домови, пишува „Mondoweiss“.
Тоа бил само најновиот чекор во ескалацијата на нападите што доселениците веќе седум месеци ги спроведуваат во Рас ал-Аин — го прекинуваат снабдувањето со струја и вода, постојано ги напаѓаат жителите во нивните домови, се обидуваат да провалат во куќите и да ги запалат, поставуваат заседи покрај патот, ги напаѓаат сопствениците на куќите додека се движат низ областа, а дури се обиделе и да ги убијат.
Опсадата на Кусра што ја спроведуваат доселениците следувала помалку од еден месец откако семејството на Махмуд ал-Тубаси на 22 јули било протерано од своите две куќи во селото Џалуд, јужно од Наблус, по што израелските доселеници ги презеле тие имоти.

Тоа е дел од поширока израелска кампања поддржана од државата, а предводена од доселениците, чија цел е протерување на Палестинците од областите предвидени за идно проширување на населбите. Овие области не опфаќаат само 60 проценти од Западниот Брег, кој според Договорите од Осло се наоѓа под целосна израелска контрола и е класифициран како „Подрачје Ц“, туку сè почесто и 22 проценти од територијата под цивилна управа на Палестинската самоуправа (ПА), позната како Подрачје Б.
Извештајот на „Хјуман рајтс воч“, објавен на 20 август 2026 година, покажа дека нападите на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег од јануари 2023 година довеле до целосно или делумно раселување на населението од 107 градови и села, паралелно со досега незабележано ширење на израелските населби.
Извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (OCHA) дополнително покажа дека бројот на Палестинци кои биле принудно раселени поради нападите на доселениците, како и поради уривања и иселувања, во првите четири месеци од оваа година веќе го надминал вкупниот број регистриран во текот на целата 2025 година.

OCHA документирала во просек 6,6 напади од доселеници дневно — најмногу во која било година откако агенцијата води евиденција — при што до 24 јули биле убиени 15 Палестинци, меѓу кои и две деца. Доколку продолжи ваквиот тренд, 2026 година ќе го надмине досегашниот рекорд од 2023 година, кога во насилството од страна на доселениците биле убиени 16 лица.
Дедо одвоен од своите две внуки
Новинарите на „Mondoweiss“ го сретнале Абдул Карим на рид во селото Џуриш, спроти Рас ал-Аин, оддалечен околу 800 метри. Ова место стана секојдневно собиралиште на жителите и новинарите, кои таму го поминуваат поголемиот дел од времето во готовност, набљудувајќи ги куќите под опсада и следејќи го движењето на доселениците и израелските војници.
„Ги преживуваме најтешките моменти во нашите животи и семејството денес нема друг избор освен да издржи во куќите“, изјавил за „Mondoweiss“ Абдул Карим, палестински земјоделец чии синови се под опсада во Рас ал-Аин. „Но, ако светот не реагира и не застане на наша страна против доселениците, тие ќе успеат да нè протераат“, додал тој.

Абдул Карим, сепак, не гледа никаков сериозен обид да се запрат нападите на доселениците или да се спречи раселувањето на неговото семејство.
„Дури ни денес Обединетите нации не ги спроведуваат своите резолуции за Палестина, а во арапскиот свет не се крена ниту еден глас во наша одбрана. Доселениците нема да запрат на Западниот Брег — ќе стигнат до сите. Сите молчеа и не направија ништо“, нагласил тој.
Абдул Карим спие само во автомобилот на ридот, кој никогаш не го напушта, чувствувајќи како да го чува семејството до кое не може да стигне. Поголемиот дел од неговото семејство е заробен во двете куќи: неговата 60-годишна сопруга, 23-годишната ќерка Ајша, како и синот Ризк и неговата сопруга. Куќата на семејството на неговиот син Јусеф — неговата сопруга Рукаја и нивните две ќерки, двегодишната Хур и четиригодишната Кинда — израелските сили ја претвориле во воена позиција.
„Ми недостигаат и ужасно се плашам за нив. Не можам да направам ништо освен да седам и да го набљудувам движењето на доселениците околу куќите“, рекол Абдул Карим“.
Додека биле на ридот новинарите ѝ се јавиле на Ајша за да проверат како е семејството.
„Сите сме затворени овде, како во некаков затвор — и одбиваме да заминеме бидејќи нема да ни дозволат да се вратиме. Доселениците и војската не дозволуваат никому да дојде до нас“, изјавила Ајша, ќерката на Абдул Карим, за „Mondoweiss“.
„Не спиеме. Живееме во постојана напнатост и страв, но се тешиме едни со други и си даваме сила. Доселениците цело време се околу куќите — но нема шанси да заминеме оттука. Не сакаме да ни се случи она што му се случи на семејството Тубаси“, раскажала таа.
Семејството на Абдул Карим во 2015 година почнало да ги гради своите две куќи во Рас ал-Аин, верувајќи дека областа — класифицирана како Подрачје Б — е безбедна. Секоја куќа има два ката и површина од 200 квадратни метри, а покрај нив се наоѓа имот од 15 дунуми (1,5 хектари), на кој Абдул Карим засадил маслинки и бадеми.
„Оваа земја е мојот идентитет. Без неа не вредам ништо“, нагласил Карим.
Абдул Карим е палестински земјоделец кој го издржува своето семејство првенствено од земјоделство. Поседува 55 дунуми (5,5 хектари) земјиште во селата Кусра и Џалуд, но доселениците сега му го оневозможуваат пристапот до поголемиот дел од таа земја, вклучително и до лозје со површина од 20 дунуми.
Оваа година ја изгубил целата берба на грозје, а загубата се проценува на 600.000 нови израелски шекели (повеќе од 200.000 долари).
„Одам и оддалеку ја проверувам мојата земја, а понекогаш одам и ноќе. Ѝ нанесоа огромна штета“, истакнал тој
Обид за убиство на семејството
Нападите на доселениците врз Рас ал-Аин почнале да се интензивираат откако на земјиште во соседното село Џалуд, на околу три километри од Кусра, била воспоставена нелегална доселеничка населба, од каде што доселениците секојдневно тргнувале во напади врз Рас ал-Аин.
„Нивните напади главно се случуваа ноќе. Ја откорнаа вратата од складиштето и го уништија земјоделскиот алат во него, ја искршија вратата и ја украдоа оградата околу куќата. Ја напаѓаа куќата со камења кои паѓаа врз нас како дожд“, раскажал Карим.
Откако доселениците го протерале семејството Тубаси од нивниот дом во Џалуд по четиримесечна опсада, опасноста за Рас ал-Аин станала уште понепосредна.
„Штом семејството Тубаси беше протерано, почувствувавме дека ние би можеле да бидеме следни. Презедовме некои мерки на претпазливост — купивме дополнителни резерви, ја обновивме оградата и целосно престанавме да излегуваме од куќите“, објаснил Абдул Карим.

„Неколку дена подоцна, доселениците поставија шатор на само неколку метри од нашата куќа и целосно го блокираа патот, така што повеќе не можевме ниту да се движиме ниту да патуваме“, додал тој.
Доселениците расфрлале клинци и остри предмети по патот за да ги онеспособат возилата и да го спречат пристапот. Абдул Карим рекол дека доселениците почнале да организираат патроли во смени, вооружени со ножеви и палки.
„На палките прицврстуваат остри предмети, што докажува дека нивната цел не е само да нè претепаат, туку да нè убијат. Одбиваат да разговараат со нас. Веднаш нè напаѓаат и почнуваат да нè тепаат и малтретираат“, истакнал тој.
Двете куќи на семејството на Абдул Карим претрпеле повеќе од десет насилни напади и упади од доселеници, при што на двете била причинета голема материјална штета.

„Еднаш ја напуштивме куќата само на два часа. Тие го искористија нашето отсуство, провалија внатре, отворија плинска боца од 48 килограми и го пуштија гасот да истекува во куќата пред да заминат“, се присетил Карим.
И покрај размерите на нападите од доселениците, семејството на Абдул Карим одбива да го напушти својот дом или да се откаже.
„Каде би отишле? Немаме ништо освен нашите домови и нашата земја. Ништо нема да нè прифати освен нашата татковина и земјата што ја обработуваме целиот живот“, истакнал Карим.
„Овде не станува збор само за нас како семејство. Ако се откажеме и ги напуштиме нашите куќи, нема да ги изгубиме само нив, туку и целиот рид Рас ал-Аин. А доселениците нема да запрат тука — ќе нè прогонуваат сè до самата Кусра и ќе нè протераат од целото село“, додал тој.

Опсадата не е ограничена само на трите населени палестински куќи, туку опфаќа и дваесетина објекти во изградба. На нивните сопственици им е забранет пристапот, а на некои од имотите веќе се поставени израелски знамиња.
Зошто Рас ал-Аин?
Ридот Рас ал-Аин се издига на 930 метри надморска височина, со поглед кон Јордан на исток, Средоземното Море на запад, планините Геризим и Ебал на север и планината Ал-Асур на југ — поради што има стратешки важна и доминантна положба.
Рас ал-Аин, кој во целост е класифициран како Подрачје Б е важен и од друга причина: таму се наоѓаат четири извори на вода за пиење, кои претставуваат еден од главните извори на вода за Палестинците во Кусра и околните села.

Штом почнале со нападите врз ова подрачје, доселениците се насочиле кон водоводните цевки и целосно го прекинале снабдувањето со вода.
„Преземањето на ридот Рас ал-Аин од страна на доселениците е дел од сè поширок и континуиран процес на населување, кој започна во Подрачјето Ц и стигна до прогласената анексија на долината на Јордан“, изјавил за „Mondoweiss“ Абдул Азим ал-Вади, претседател на селскиот совет на Кусра. „Денес тој процес влегува во втора фаза, навлегува во Подрачјето Б и ги презема неговите најважни области“, додал тој.
Ал-Вади рекол дека израелските сили од декември 2025 година спровеле девет официјални евакуации на доселениците од ридот.
„Војската ќе го запленеше шаторот, но ќе ни ги оставеше доселеникот и неговите овци“, објаснил тој.
Но, како семејствата под опсада ќе продолжат да даваат отпор во Рас ал-Аин?
Ал-Вади објаснил дека единствената надеж семејствата во Рас ал-Аин да продолжат да опстојуваат лежи токму во жителите на Кусра, кои им се спротивставуваат на доселениците уште од 2014 година и биле меѓу првите села што формирале таканаречени „народни комитети за заштита“, составени од групи доброволци кои ја бранат заедницата од насилството на доселениците.
„Од 2014 година, Кусра даде 11 маченици, од кои повеќето беа убиени додека се спротивставуваа на нападите на доселениците. Последниот беше Амир Му’тасим Одех (28), убиен на 14 март 2026 година додека се спротивставуваше на напад на доселениците врз Рас ал-Аин“, раскажал Ал-Вади.
Израелските сили уапсиле и околу 40 лица поради судирите меѓу жителите и доселениците на ридот Рас ал-Аин. Ал-Вади рекол дека војската на уапсените им изрекла високи парични казни со цел да ги одврати од враќање во таа област.

Лоај Абу Реида, сопственик на една од куќите под опсада, на 17 август се вратил од Соединетите Американски Држави во Рас ал-Аин за да им се придружи на семејствата кои се обидуваат да ги одбранат своите домови. Иако е американски државјанин и веднаш по пристигнувањето поставил американско знаме над својата куќа, нападите на доселениците не престанале. Веќе вториот ден по неговото враќање, куќите повторно биле каменувани.
Откако започнала опсадата на жителите на Рас ал-Аин, хуманитарните организации и организациите за човекови права се обидуваат да им достават храна. УНИЦЕФ доставил помош на 6 август, а израелската левичарска организација „Peace Now“ на 14 август исто така се обидела да стигне до куќите и да достави храна.
Но, семејствата под опсада велат дека сè не може да се сведе само на доставување помош и посети на делегации кои застануваат на неколку метри од куќите. Како што рекле, потребни се конкретни чекори насочени кон отстранување на доселениците и гаранција дека тие нема повторно да се вратат.

„Говорите и паролите денес повеќе не значат ништо“, рекол Ал-Вади. „Она што нѝ е потребно денес е сериозно дејствување на терен што ќе ја поддржи истрајноста на луѓето, ќе стави крај на опсадата и ќе ги отстрани доселениците“, заклучил тој.
Фото: Mondoweiss, Aljazeera English.














