Удираат во вас на семафор, па бараат и до 1500 евра – нова измама се шири низ Европа, еве како да не станете жртва

Точка

21/08/2026

19:09

1.633

Големина на фонт

а а а

Измамниците користат лажни сообраќајни незгоди и лажни агенти за да изнудат пари од збунети возачи.

Додека сте заглавени во сообраќајот или чекате на црвено светло, сè изгледа како вообичаена рутина. Сè додека некој не удри во вашиот автомобил, не излезе од возилото и не почне агресивно да вика.

Оваа сцена се повторува во многу европски градови и открива измама за која мора да знаете, бидејќи многу возачи веќе наседнале на овој трик, особено во Италија, Франција и Шпанија. Жртви најчесто се возачи кои патуваат сами, понекогаш постари лица кои лесно може да бидат заплашени и особено странци кои патуваат со автомобил.


Како функционира?

Првиот чекор на измамникот е лесно да го удри вашиот автомобил, понекогаш и со фрлање камен за да создаде бучава и впечаток дека навистина настанала штета.

По овој наводен удар, измамникот, кој обично управува автомобил со странски регистарски таблички, брзо излегува од својот автомобил и вербално ја напаѓа жртвата. Покажува кон ретровизорот, браникот или калникот на својот автомобил, гестикулира, бара од вас да го спуштите прозорецот, а потоа ве обвинува дека сте преминале во неговата лента без да погледнете.

Сцената се одвива во брзање и под голема напнатост, додека измамникот тврди дека ова му се случува во најлошиот можен момент, бидејќи наводно мора итно некаде да оди.

Тука доаѓа до израз втората фаза на измамата: откако ќе се пожали, измамникот се преправа дека се јавува во својата осигурителна компанија и, по неколку секунди разговор, му го дава телефонот на жртвата за да разговара со наводниот агент.


Од другата страна на линијата е соучесник кој користи професионален тон и објаснува дека постапките меѓу осигурителните компании од различни земји се скапи и бавни.

Тој додава дека најдобро решение е пријателски договор со моментално плаќање за да се избегнат административните компликации. Износот што го бараат зависи од самодовербата што ќе ја покажете по оваа сцена. Може да биде околу 200 евра во поблаги случаи или да достигне 1500 евра или повеќе, доколку забележат дека сте исплашени или збунети.

Под притисок, со закани за правни проблеми, многу жртви се согласуваат да одат до блискиот банкомат за да подигнат пари и веднаш да го решат проблемот.

Измамата се заснова на два клучни елемента: итност и авторитет. Итноста е присутна бидејќи измамникот тврди дека мора што побрзо да замине поради нешто многу важно, а авторитетот произлегува од интервенцијата на лажниот агент за осигурување. Сè е осмислено така што жртвата нема време да размислува.

А кога парите ќе го сменат сопственикот, измамникот исчезнува и сите подоцнежни обиди да се контактира со него се залудни. Всушност, регистарските таблички дури може да бидат и лажни.


Безбедносните служби ширум Европа веќе со месеци предупредуваат на овој метод. Тие потсетуваат дека во случај на помала сообраќајна незгода, правилно е да се разменат информации, смирено да се пополни европскиот извештај за сообраќајна незгода и да се контактира сопствената осигурителна компанија.

Ниту една осигурителна компанија никогаш не бара исплата во готово на улица за да ја забрза постапката. Ако бараат пари, можете да бидете 100 отсто сигурни дека се обидуваат да ве измамат. Исто така, не е вообичаено агент да решава меѓународни барања за само неколку минути преку телефон.

Во ваква ситуација, препораката е јасна: останете смирени, не плаќајте во готово и јавете се во вашата осигурителна компанија, пишува „Jutarnji.hr“.

Доколку однесувањето на другиот возач предизвикува и најмало сомневање или ако почувствувате дека врши преголем притисок врз вас, најпаметно е веднаш да ја известите полицијата, пишува „Marca“.