Драган Спасов – Дац со децении е едно од најпрепознатливите и најомилените лица на македонската културна сцена. Актер, музичар, боем и човек кој со својата непосредност и специфичен хумор успева да допре до публиката, Дац и овојпат привлече големо внимание со нешто многу лично.
Имено, актерот сподели искрен и емотивен разговор „сам со себе“, обраќајќи му се на својот помлад лик. Покрај фотографијата која веднаш ги привлече погледите на неговите следбеници, Дац испрати и силна животна порака, за годините кои минуваат, изборите што ги правиме, грешките кои нè обликуваат и за најважното од сè – да не заборавиме да го живееме животот со полни гради.
Неговите зборови допреа до многумина, а објавата за кратко време беше преплавена со позитивни реакции. Следбениците препознаа во неговата порака нешто многу лично и блиско – потсетник дека животот не треба да се мери само според успесите, туку и според искуствата, падовите, љубовта, луѓето кои сме ги сретнале и моментите што сме ги создале.
Со својот препознатлив пристап, Дац уште еднаш покажа дека зад актерот кој публиката го познава од сцената и зад боемот кој со години ја забавува јавноста, стои човек кој отворено размислува за животот и времето што минува.
Неговата објава ви ја пренесуваме во целост:
✨„Како би се обратил постариот јас на помладиот јас. Ако би било можно...
Млад мој Дац, застани за момент и послушај ме. Ова ти го зборува човекот кој станав благодарение на сè она што ти допрва ќе го поминеш. Секако дека би сакал да те осоколам и да те предупредам за некои мои грешки. Не беа тоа кобни падови што целосно го менуваат текот на животот, но сепак беа доволни за да го поместат во некоја нова насока. Насока која, верувај ми, со тек на време ќе научиш како да ја исправиш. На грешките се учи, момче мое. Така се кали човекот. И знаеш што? Сосема искрено ти признавам, некои од тие грешки со задоволство би ги повторил пак! Каков е тој човек што не направил ниту една утка во животот? Дали воопшто постои таков? Совршенството е досадно, а лузните се доказ дека си живеел. Мојот живот е само мој, но и на оние кои се во секој момент покрај мене. Нашата мисија е едноставна: на сите да ни биде убаво. И денес, од оваа временска дистанца, со гордост ти кажувам дека тоа е навистина така. Мислам дека успеавме. Затоа, мал мој Дац, терај го животот со крената глава! Диши со цела сила, со најполни гради и грабај го секој миг како да е последен. Не дозволувај деновите да ти поминат онака, неми во минливоста, како воопшто да не си бил тука. Остави трага. Сакај, греши, поправај и живеј ја секоја секунда со целото свое срце!
Постариот Дац“.

Инаку, Дац со децении гради впечатлива актерска кариера. Како првенец во Драмскиот театар, остварил бројни театарски и телевизиски улоги, оставајќи свој печат на македонската актерска сцена. Но, неговата енергија одамна не е ограничена само на театарот.
Публиката особено го препознава и преку музиката и долгогодишната соработка со Александар Митевски. Како дуото „Александар и Дац“, тие создадоа препознатлив музички израз исполнет со боемски дух, хумор и песни кои со години се дел од атмосферата на македонските прослави, концерти и дружења.
Токму таа непосредност, искреност и способност да ги спои хуморот со животните приказни го прават Дац омилен кај публиката. А со последната порака, наместо со песна или актерска улога, тој повторно успеа да допре до луѓето – овојпат потсетувајќи нè дека времето минува, грешките се неизбежни, но најважно е да знаеме да го живееме животот додека трае.











