Амбер Улер (41) денес се натпреварува на изборот за Мис на САД, а веќе влегла во историјата како најстара учесничка во натпреварувањето. Меѓутоа нејзиниот пат до гламурозната сцена не започнал со круна и фустан, туку со тешка одлука да го смени сопствениот живот.
Имено пред пет години, мајката на три деца имала 136 килограми. По лекарскиот преглед кој целосно ја шокирал, решила дека не сака да продолжи по истиот пат. Лекарот тогаш ѝ соопштил дека е патолошки дебела, дека има предијабетес и дека ѝ се заканува прерана смрт.
„Веројатно нема да ја доживеете матурата на вашите деца“, се присетила Амбер на разговорот.
Тие зборови биле предупредувањето што требала да го слушне. Но дополнителен поттик стигнал само неколку дена подоцна, за време на семејна посета на парк со трамбулини.
Моментот што ѝ го променил животот
Амбер тогаш си играла со децата и скокнала во базен исполнет со пена. Проблемот настанал кога не можела да излезе од него.
„Се заглавив и никој не можеше да ме извлече“, раскажала таа. „Тројца силни мажи се обидоа да ме извлечат, формирајќи човечки синџир, но не успеаја. Мислеа дека ќе мора да ги повикаат пожарникарите. Никогаш во животот не сум се чувствувала толку засрамено“ истакнала Амбер.
Тој момент бил пресвртница и тогаш сфатила колку вишокот килограми ѝ го ограничува секојдневниот живот
„Тогаш сфатив дека е исклучително тешко да се биде толку дебел. Живеев само половина живот. Не можев да се качам ни по скалите во сопствениот дом“, нагласила Американката.
Во тој момент решила да ги промени своите навики. Нејзината цел не била веднаш да ослабе десетици килограми, туку повторно да се чувствува здраво и способно.
„Знаев дека слабеењето ќе биде тешко, но исто толку тешко е и да продолжиш да живееш со толкава тежина“, објаснила таа.
Во својот план додала и еден голем сон – еден ден да застане на сцената на избор за убавина.
Од 136 килограми до круната
Амер рекла дека слабеењето 77 килограми на почетокот и делувало речиси невозможно. „Мислам дека тоа тогаш ми делуваше како да се качувам на Монт Еверест. Затоа едноставно одлучив да му се посветам на здравјето“, истакнала таа.
Во текот на три и пол години ја променила исхраната, почнала редовно да вежба и постепено изградила нов животен стил. Не само што ги изгубила килограмите, туку повторно го стекнала чувството на слобода и самодоверба.
Првиот голем успех го остварила во 2024 година кога ја освоила титулата „Mrs. Florida Universe“. Потоа ја претставувала Флорида на националниот избор „Mrs. Universe USA“, каде што исто така победила.
Сепак, нејзиниот најголем сон отсекогаш бил Мис на САД (Miss USA). Ја привлекувале сцената, телевизискиот пренос и целиот свет што го следи овој избор.
Најстара натпреварувачка во историјата
Во јули, по отворен кастинг, била избрана за „Miss Michigan USA 2026“, со што обезбедила место на 75-тиот избор за Мис на САД.
„Знам, луда сум“, се пошегувала Амбер. „Се пријавив за да застанам пред камерите во бикини, откако ослабев 77 килограми“, додала таа.
Но, нагласила дека целта не ѝ била да докаже дека и жените со нејзиното минато можат да бидат убави. Најважно ѝ било да покаже дека животот може да се промени на која било возраст.
„Се чувствував како да живеам само половина живот“, рекла таа за периодот пред трансформацијата.
Во Мајами, каде што се одржува изборот, Амбер открила дека подготовките ѝ донеле повеќе самодоверба отколку што очекувала. Како најстара натпреварувачка, се плашела дека ќе се чувствува поинаку меѓу помладите кандидатки, но тврди дека била пречекана со голема поддршка.
„Мислев дека ќе дојдам, ќе ги видам сите тие девојки во дваесеттите и ќе се чувствувам несигурно, но сите ми дадоа поддршка“, нагласила таа.
Додала дека поддршка ѝ дале дури и најмладите натпреварувачки.
„Дури и девојките од категоријата „тинејџери“ се мои најголеми обожавателки. Навиваат за мене и ме бодрат“, раскажала таа.
Амбер верува дека би можела да стане најстара Мис на САД во историјата, но и прва мајка која ја освоила титулата. „Чувствувам дека можам да урнам многу бариери“, нагласила Ухлер.
За неа, ова е многу повеќе од избор за убавина
Амбер смета дека денешните избори за убавина повеќе не се засноваат само на физичкиот изглед.
„Овде станува збор за многу повеќе од физичкиот изглед, бидејќи кога ќе влезете меѓу 51 финалистка, сите девојки се убави. Прашањето е што друго носите со себе“, објаснила таа.
Своите години денес ги гледа како предност, а не како пречка. Смета дека искуството ѝ го дава она што помладите натпреварувачки можеби сè уште го немаат.
„Имам мудрост, зрелост и знам што бара оваа работа“, порачала таа.
Амбер вели дека сака да остане дел од светот на изборите за убавина и по завршувањето на натпреварувањето.
„Се гледам себеси како повторно се враќам како придружба или асистентка и учествувам во ова секоја година, сè до стогодишнината. Ќе продолжам да доаѓам“, рекла таа.
За неа, појавувањето на сцената на изборот за Мис на САД е остварување на сон кој некогаш изгледал целосно недостижен.
„Отсекогаш сонував за овој избор, а тоа што успеав за мене е вистинска приказна за Пепелашка“, заклучила Амбер.












