Јаневска со необична порака до првачињата: „Освен знаење, побарајте и братче или сестриче за повторно да ги отвориме училиштата“

Точка

01/09/2026

14:03

357

Големина на фонт

а а а

„Освен што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче“ – со оваа порака министерката за образование и наука Весна Јаневска им се обрати на првачињата на првиот училишен ден, говорејќи за сè поизразениот демографски пад и неговото директно влијание врз образовниот систем.

При посетата на ООУ „Ацо Шопов“ во Радишани, Општина Бутел, Јаневска предупреди дека доколку продолжи намалувањето на бројот на деца, земјава ќе продолжи да затвора училишта, особено во руралните средини.


„Ако продолжиме вака, постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато’. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта во иднина да ги отвораме“, изјави Јаневска при посетата на училиштето во Бутел.

Сепак, министерката нагласи дека демографскиот проблем не може да се реши со една сликовница, наставен предмет или образовна програма.


„Демографијата не е проблем што ќе го решиме со една сликовница или можеби само со наставни предмети и програми. Таа е посеопфатен проблем“, рече Јаневска, додавајќи дека населението треба да стане свесно за значењето на човечкиот капитал, како за сопствениот живот, така и за иднината на државата.

Нејзината порака до првачињата доаѓа во момент кога последиците од демографскиот пад се сè повидливи во училиштата.

Во учебната 2026/2027 година има 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование. Намалувањето е резултат на спојување на паралелки со мал број ученици и реорганизација на наставата.

Истовремено, во земјава има 148 празни училишни објекти, главно во руралните средини. Јаневска претходно информираше и дека од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта поради немање запишани ученици. Во дел од нив веќе нема ниту едно дете, додека во други учениците се префрлени во најблиските училишта поради нивниот мал број.


Бројките за новородените ја покажуваат причината за ваквата состојба. Во 2025 година во земјава се родиле 15.850 деца, што е за 1,3 отсто помалку од претходната година. Во споредба со 2020 година, кога се родени најголемиот дел од децата кои годинава тргнуваат во прво одделение, бројот е помал за 3.181 дете.

И премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека демографскиот пад е главната причина за намалувањето на бројот на ученици. Според податоците што ги изнесе, пред пандемијата годишно се родиле меѓу 22.000 и 23.000 деца, додека во 2025 година бројот бил околу 15.650.

Мицкоски оцени дека демографскиот фактор учествува со околу 90 проценти во намалувањето на бројот на ученици, додека иселувањето го посочи како дополнителен фактор.


Според неговата пресметка, намалувањето за околу 7.000 деца, со просек од 20 ученици во една паралелка, значи околу 350 паралелки помалку – капацитет што би одговарал на приближно 70 училишта со по пет паралелки.

Јаневска, пак, на првиот ден од учебната година порача дека образовниот систем е подготвен за учениците. Таа посочи дека има учебници, се подобрува училишната инфраструктура, се обезбедуваат технички помагала и други услови за наставата, а обезбедена е и кошничка со поевтин училиштен прибор.

Но, додека училиштата се подготвуваат за новите генерации, бројот на децата продолжува да се намалува. Токму затоа, пораката на министерката до првачињата – покрај знаење да побараат и братче или сестриче – доаѓа како необичен, но илустративен пример за тоа колку демографската криза веќе директно се одразува врз училиштата и иднината на образовниот систем.