„Се чувствував како идиот“: Кога Мурињо ќе излезе пред новинарите – шоуто е загарантирано

Точка

03/09/2026

13:36

682

Големина на фонт

а а а

Покајание, пораки, провокации и голема непознаница – конференцијата на Жозе Мурињо беше вистински спектакл.

Кога Жозе Мурињо ќе седне пред новинарите, едно е сигурно – спектаклот е загарантиран, а Португалецот уште еднаш го докажа тоа.

Пред дуелот со Бетис, Португалецот зборуваше за најразлични теми, а за само неколку минути успеа да испрати сериозна порака до фудбалер на Реал Мадрид, јавно да ги признае сопствените грешки, да го пофали човекот со кого со години беше во конфликт, да ја „пецне“ американската „MLS“ и да најави голем проблем што го очекува неговиот тим.

Кога Мурињо е пред микрофоните, едно е сигурно – здодевно нема да биде.


„И јас зборував глупости“

Едно од најголемите изненадувања на конференцијата беше приказната на Мурињо за Мануел Пелегрини.

Португалецот и тренерот на Бетис низ годините немаа идеален однос, а меѓу нив имаше многу искри и тешки зборови.

Меѓутоа, Мурињо сега на сето тоа гледа сосема поинаку.

„Никогаш ништо не замерувам, бидејќи не можеме да се вратиме низ времето. Историјата на фудбалот е толку долга што постојат работи што ќе ги кажеш или направиш, а подоцна се чувствуваш како идиот. Сфаќаш дека си погрешил. И јас сум давал глупави коментари“, искрено призна Португалецот.

Потоа откри и еден детаљ кој покажува колку денес го цени Пелегрини.

За време на еден пријателски натпревар меѓу Бетис и Рома, тимот на Мурињо се нашол во речиси неверојатна ситуација и останал со само седуммина фудбалери на теренот.

Според зборовите на Мурињо, Пелегрини тогаш им порачал на своите фудбалери да не го „дотолчуваат“ противникот.

„Можеа да ни дадат осум гола, а ни дадоа три“, раскажа Португалецот и го нарече Пелегрини голем пример и како тренер и како човек.


„Фудбалер на Реал си 24 часа дневно“

Сепак, Мурињо не можеше да ги избегне ниту посериозните теми.

Кога зборуваше за Раул Асенсио, фудбалерот против кого Реал Мадрид започна дисциплинска постапка по инцидент надвор од теренот, Португалецот беше многу директен.

„Клубот отвори постапка. Додека постапката е во тек, за мене тој е фудбалер на Реал Мадрид.“

Потоа испрати порака за која веќе многу се зборува во Шпанија.

„Фудбалер на Реал Мадрид е фудбалер на Реал Мадрид 24 часа дневно, седум дена во неделата и 12 месеци во годината. Сè што правиш надвор од теренот и понатаму е Реал Мадрид.“

Мурињо истакна дека Асенсио на тренинзите е професионалец и пример за другите фудбалери, но јасно стави до знаење дека постои граница.

„Сите прават грешки, но наталожените грешки се нешто друго.“


„Ми го нарушуваш мирот!“

А потоа се појави и стариот, добро познат Мурињо!

Едно прашање за ситуацијата во средниот ред и проблемите со Чуамени очигледно не му се допадна.

„Ми го нарушуваш мирот. За тоа ќе зборуваме утре, по натпреварот“, одговори Португалецот.

Сепак, не можеше целосно да сокрие дека неговиот тим има сериозен проблем.

„Ќе имаме голем проблем што мора да го решиме.“

Што точно сакаше да каже? Мурињо не сакаше да открие.


Младите ја чекаат својата шанса

Повредите и суспензиите би можеле да им ја отворат вратата на младите фудбалери, а Португалецот јасно стави до знаење дека внимателно следи што се случува во младинската школа на Реал.

„Многумина работат со мене секој ден. Им посветуваме големо внимание“, рече Мурињо.

Португалецот смета дека во „Ла Фабрика“ во последните години е завршена одлична работа и дека на некои од младите фудбалери наскоро ќе им се укаже можност.

Но, пораката е јасна – талентот не е доволен.

Шанса ќе добијат само оние што ќе бидат подготвени да ја искористат.


Меси? „Мораме да гледаме ’MLS‘, а тоа не ми се допаѓа“

Не можеше да помине без Лионел Меси!

Кога разговорот стигна до аргентинскиот фудбалски волшебник, Мурињо не штедеше комплименти.

„За Меси е тешко да се зборува. Нема зборови. Тој е еден од оние фудбалери што недостигаат.“

А потоа, во свој стил, додаде и мала провокација.

„Мораме да гледаме некој натпревар од ’MLS‘ за да го следиме, а таа лига баш и не ми се допаѓа“, рече Португалецот со насмевка.


„Против Бетис мора да го видиме големиот Реал“

Зад сите интересни изјави, сепак, остана најважната работа – натпреварот против Бетис.

Мурињо исклучително го почитува следниот противник и е свесен дека неговиот тим воопшто нема да има лесна задача.

„Мора да го видиме големиот Реал Мадрид. Бетис е многу добар тим. За да победите, мора да бидете на максимум.“