Оваа европска земја стана „рај“ за барателите на азил: Еве од каде доаѓаат најмногу

Точка

11/09/2026

20:08

1.654

Големина на фонт

а а а

Бројот на нови барања за азил во Европската Унија повторно се намали, а истовремено е забележан и голем пад на нелегалните преминувања на надворешните граници. Сепак, европските миграциски рути и натаму се активни, а податоците покажуваат дека притисокот може многу брзо да се промени во одредени подрачја.

Според податоците на Агенцијата на Европската Унија за азил (ЕУАА), во првите шест месеци од оваа година во ЕУ, Норвешка и Швајцарија биле поднесени околу 332.000 барања за азил. Тоа е речиси 17 отсто помалку во споредба со истиот период минатата година, односно околу 67.000 барања помалку, пишува dpa.

Германија повеќе не е на врвот

Германија повторно ја загуби неславната титула земја со најголем број барања за азил. Германските власти примиле 54.454 барања, додека на врвот е Франција со околу 69.000, а потоа следува Италија – приближно 66.000. Шпанија била многу блиску до Германија со 54.732 барања.


Најмногу барања поднеле државјаните на Авганистан, околу 39.000, по нив следуваат Венецуелците со приближно 33.000 и државјаните на Бангладеш со околу 22.000 барања.

ЕУАА го поврзува падот со промените во структурата на миграцијата, политичката ситуација во Сирија и засилената соработка на ЕУ со земјите на потекло и транзит.

Нелегалните влезови намалени за една третина

Сличен тренд бележи и Фронтекс. На надворешните граници на ЕУ, во првите осум месеци од оваа година биле регистрирани повеќе од 74.000 нелегални преминувања, што е 35 отсто помалку во споредба со истиот период во 2025 година.

Фронтекс наведува дека за намалувањето придонеле соработката со партнерските земји и превентивните мерки во државите од каде тргнуваат мигрантите. Сепак, агенцијата предупредува дека мрежите за шверцување не исчезнале, туку чекаат нови можности.


Речиси 60 отсто од сите регистрирани нелегални влезови се однесуваат на источномедитеранската рута меѓу Турција и Грција и на централномедитеранската рута меѓу Либија и Тунис, од една страна, и Италија и Малта, од друга страна.

Сепак, една рута бележи спротивен тренд. Бројот на нелегални преминувања на западномедитеранската рута кон Шпанија се зголемил за 34 отсто.

Сеута покажа колку брзо може да се промени ситуацијата

Посебно предупредување претставува случајот со шпанската енклава Сеута, во која кон крајот на јули влегле голем број луѓе од Мароко. Податоците на Фронтекс не го опфаќаат овој настан, а конечниот број е тешко да се утврди бидејќи повеќето луѓе се вратиле во Мароко пред да бидат евидентирани.


Според шпанските проценки, во енклавата привремено влегле околу 80.000 луѓе, додека Мароко проценува дека нивниот број изнесувал околу 40.000. Во обидите да стигнат до Сеута загинале 83 лица.

Фронтекс предупредува дека овој настан покажува колку брзо може да се промени состојбата на европските граници за само неколку часа. Иако ситуацијата на надворешните граници во текот на летото главно била мирна, миграцискиот притисок не исчезнал.