Дали сè уште важи познатата југословенска поговорка „Колку појужно – толку потажно“?
Во видеото што го објави новинарот Александар Видиновски, тој тргна на патување од Виена до Скопје — поминувајќи низ Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Неговата цел била да го анализира секој детаљ по патот: инфраструктурата, хигиената, бензинските пумпи, границите… односно каков е првиот впечаток кога ќе се влезе во нова држава… Дали Европа навистина застанува како што се движиме кон југ, или реалноста на терен е поинаква од стереотипите? Што значи нешто да е тажно?
По посетата на Австрија, Видиновски забележува дека таа е многу технолошки напредна, инфраструктурата е на превисоко ниво, многу се гради, како и дека нема разлика меѓу автопатиштата во Словенија и Австрија. Во Словенија исто така се супер направени, обележани, широки со чисти тревници и без ѓубре.
Кога станува збор за Хрватска, Видиновски вели дека и таму сè е убаво обележано и чисто на автопатишта. Меѓутоа на првото одморалиште по влез во Хрватска имало работи што во Австрија и Словенија ги немало. Односно одредена количина ѓубре - наместо канти, буриња со кеси, а иако се работи на патиштата начинот на кој тоа е обележано е малку полошо од Словенија и Австрија.
Што се однесува до Загреб (предградие) таму било чисто средено со социјалистички згради и малку излупени фасади. И во Србија било генерално чисто, со канти за ѓубре и контејнери, но како што рече Видиновски како што се движел кон југот забележувал дека патиштата се малку послаби и е малку повалкано, но не е и потажно.

Сепак при влез во Македонија, го пречекала прилично непријатна глетка - бездомно куче, уништен билборд, ѓубре, цела депонија покрај самиот граничен премин.
Со таквата негрижа за околината и дозволувањето да изгледа така тој вели дека ги навредуваме сите оние кои се бореле за оваа држава и заклучува дека колку појужно, не е толку потажно туку помалце сакано.

„Оваа држава не е тажна, оваа држава е неправилно сакана и секој оној кој ќе сака да ни го земе сонот или да ни ја земе нашата борба за елементарно пристојна Македонија, да проба да го искомпромитира тоа, да знаете – тој е против Македонија против македонскиот народ и против нашиот сон да имаме суверена, модерна, космополитска и нормална држава. Нашата борба е тоа и ништо повеќе“, истакна Видиновски.
















