Во Британија над 200 смртни случаи биле пријавени во врска со лекови од класата GLP-1 кои се користат за слабеење и лекување на дијабетес. Регулаторите предупредуваат дека пријавите не докажуваат причинска врска, но следат несакани ефекти како гадење и дијареа, додека придобивките од лековите се сметаат за поважни од потенцијалните ризици.
До британското регулаторно тело се пријавени повеќе од 200 смртни случаи поради можна поврзаност со лековите од класата GLP-1, кои се користат за слабеење и за лекување дијабетес. Британската Агенција за регулатива на лекови и здравствени производи (MHRA) нагласува дека самите пријави не докажуваат оти лековите биле причина за смртните случаи.
Податоците од системот „Yellow Card“ (Жолт картон) исто така покажуваат повеќе од 158.000 пријавени сомнителни несакани ефекти и други негативни реакции поврзани со овие лекови. Системот им овозможува на пациентите, членовите на нивните семејства и здравствените работници да пријават можни несакани ефекти.
MHRA предупредува дека ваквите пријави не треба да се толкуваат како доказ за причинско-последична врска. Тие едноставно укажуваат на тоа дека лицето што го пријавило случајот се сомневало оти лекот можеби е поврзан со реакцијата или со фаталниот исход.
Најголем број пријави за Mounjaro
За тирзепатид, активната состојка во лекот Mounjaro, регистрирани се 106.189 сомнителни негативни реакции и 120 смртни случаи.
За семаглутид се пријавени 48.089 негативни реакции и 59 смртни случаи. Семаглутид се користи во лекот за слабеење Wegovy, како и во лековите за дијабетес Ozempic и Rybelsus.
За лираглутид – кој се продава за слабеење под трговското име Saxenda – регистрирани се 4.491 пријава за можни негативни реакции и 37 смртни случаи.
Вкупно се пријавени 216 смртни случаи поврзани со овие три активни состојки. Сепак, тоа не значи дека лекот бил причина за смртта во сите овие случаи.
Најчести проблеми со дигестивниот систем
Голем дел од пријавените несакани ефекти се однесуваат на проблеми со дигестивниот систем.
Регистрирани се повеќе од 65.000 такви пријави за тирзепатид и речиси 29.000 за семаглутид. Пријавените реакции вклучуваат и нарушувања на нервниот систем; за тирзепатид, повеќе од 2.000 пријави се однесувале на психијатриски нарушувања.
Честите несакани ефекти на лековите од класата GLP-1 вклучуваат гадење, повраќање, дијареја и запек. Претходно оваа година, MHRA ги засили предупредувањата во врска со ризикот од акутен панкреатитис, вклучувајќи и ретки, тешки и фатални случаи. „Како и кај сите лекови, безбедноста на лековите од групата GLP-1 постојано се следи, при што се земаат предвид новите сознанија од спонтаните пријави и научните публикации“, изјави портпарол на MHRA.
Регулаторното тело истакнува дека пациентите и здравствените работници ќе бидат информирани доколку се утврдат нови безбедносни ризици и дека, врз основа на моментално достапните докази, придобивките од лековите од групата GLP-1 ги надминуваат потенцијалните ризици кога тие се користат во согласност со одобрените индикации.












