Примала хемотерапија 11 години за рак што никогаш не го имала

Макфакс

14/09/2026

12:50

200

Големина на фонт

а а а

Беки Џонс била погрешно дијагностицирана со рак на мозокот и примала хемотерапија цел 11 години, додека не открила дека никогаш немала рак, што довело до сериозни последици во нејзиниот живот и судска постапка против универзитетските болници.

Беки Џонс имала само 21 година кога лекарите ѝ кажале дека страда од терминален тумор на мозокот и дека ѝ остануваат само неколку месеци живот, пренесуваат медиумите.

Дијагнозата целосно ѝ го променила животот. Наместо планови за кариера во полицијата и заедничка иднина со нејзиниот партнер, таа ги поминала следните 11 години на хемотерапија, со постојана мачнина, болка, замор и страв од инфекции.

Денес, на 33-годишна возраст, таа открила дека всушност никогаш немала рак.

Наместо тумор, таа страдала од тумефактивна демиелинизација, воспаление на мозокот што обично се лекува со стероиди, пишува Би-Би-Си.

Џонс е една од повеќе од 40 пациенти кои покренале судска постапка против Фондот на универзитетските болници во Ковентри и Ворвикшир поради обвинувања за продолжено или непотребно лекување на ракот.

„Ми беше кажано одново и одново дека ќе умрам без хемотерапија“, рече таа.

„Ми го уништи животот“

Професорот Иан Браун, консултант во Универзитетската болница Ковентри, ѝ рекол дека ќе мора да го зема лекот темозоломид до крајот на животот, иако упатствата препорачуваат шест циклуси во текот на шест месеци.

Кога прашала зошто туморот не може да се види на скенирањата, таа тврди дека лекарот ѝ рекол дека нема да биде „видлив со голо око“.

Дури во 2025 година, кога почнале да се разгледуваат случаите на пациенти поврзани со Браун, таа ја дознала вистината.

„Никогаш немав тумор на мозок. Беше погрешно дијагностициран и го поминав низ целиот овој третман поголемиот дел од мојот возрасен живот, без никаква причина“, рекла таа.

Додаде дека терапијата „во суштина ѝ го уништила животот“.

Со години страдала од гадење, болки во стомакот, рани во устата и хроничен замор, избегнувала социјални и семејни собири од страв од инфекции, а во еден момент ѝ била одземена и возачката дозвола.

Лекарите ѝ рекле и дека веројатно нема да може да има деца. Подоцна таа сепак роди две деца.

Во 2012 година, Џонс почна да страда од силни мигрени и беше подложена на биопсија на мозок.

Нејзиниот адвокат, Фиона Тинсли, тврди дека Браун ѝ дијагностицирал глиобластом во четврта фаза, една од најагресивните форми на рак на мозок, пред да бидат достапни резултатите од биопсијата.

Третманот траел повеќе од една деценија, сè додека во 2024 година, одеднаш не била информирана дека хемотерапијата се прекинува.

Во мај 2025 година, по независна анализа од неврохирург и радиолог побарана од нејзините адвокати, било потврдено дека таа никогаш немала рак.

Повеќе пациенти пријавиле сериозни последици

Неколку пациенти на Браун изјавија за Би-Би-Си дека со години им бил даван темозоломид и како резултат на тоа претрпеле сериозни здравствени проблеми.

Една пациентка верува дека терапијата ја оставила неплодна, додека друга развила леукемија по 100 наводно непотребни циклуси.

Прелиминарните наоди од прегледот на Кралскиот колеџ на лекари покажаа дека на болничките пациенти рутински им се давале продолжени третмани со лекот со „мали или никакви докази за корист“.

Од 20-те разгледани случаи, дури 15 биле оценети како „тотално незадоволителни“.

Извештајот, исто така, зборува за „предавството на довербата на пациентите“, како и за недостатокот на контрола и соработка меѓу лекарите, што дозволило можните грешки да останат неоткриени со години.

Џонс ги опиша наодите како „морничави“.

„Не станува збор само за тоа што правел, туку и за тоа како му дозволиле да работи толку долго без надзор“, рече таа.

UHCW објави дека нема да коментира за поединечни случаи, туку дека се воведени построги мерки за следење на препишувањето на темозоломид и дека ќе преземе понатамошни чекори по објавувањето на целиот извештај, според написите на медиумите во регионот.