Андоновски во посета на Делчево: Дигитални решенија за поефикасни општини и поквалитетни услуги за граѓаните

Макфакс

14/09/2026

18:00

173

Големина на фонт

а а а

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оствари работна посета на Делчево каде што се разговараше за унапредување на технолошката соработка помеѓу министерството и локалните самоуправи, како и за имплементација на системи кои ќе обезбедат побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска престојуваше во работна посета на Делчево, каде што присуствуваше и се обрати на седницата на Советот за развој на Источниот плански регион, пред градоначалниците и претставниците на општините од регионот.

На седницата се разговараше за продлабочување на соработката меѓу Министерството за дигитална трансформација и локалните самоуправи, како и за приклучување на општините кон платформата за интероперабилност и Документ менаџмент системот – ДМС.

Платформата за интероперабилност овозможува безбедна размена на податоци меѓу институциите, додека ДМС обезбедува електронско управување и целосна следливост на документите и предметите. Нивната примена значи побрзи постапки, помалку хартија и чекање, поголема транспарентност и поквалитетни услуги.

„Податоците треба да се движат, а не граѓаните. Дигиталната трансформација мора да биде присутна во секоја општина, бидејќи нејзината вистинска вредност се гледа преку побрзи, поедноставни и подостапни услуги“, порача Андоновски.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски, заедно со градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, го посети и новиот Туристички културен информатор.

Современиот простор е опремен со поддршка од Министерството за дигитална трансформација и ќе придонесе за подобро претставување на културните, природните и локалните потенцијали на Делчево и Пијанец.

За време на посетата беше истакнато и значењето на Центарот за услуги – ЕТУ, кој веќе функционира во Делчево. Големата искористеност на услугите потврдува дека Центарот е од особено значење за жителите, овозможувајќи им полесен пристап до услугите на јавната администрација.

„Делчево забрзано се развива преку проекти што носат конкретни придобивки и нови можности за граѓаните. Министерството продолжува да ги поддржува локалните иницијативи и современите решенија што го подобруваат квалитетот на услугите“, истакна министерот Андоновски.