Фудбалски голман одби да стане крал: „Не, имам обврски и не сум во можност…“

Точка

14/09/2026

19:04

750

Големина на фонт

а а а

Неверојатна и малку бизарна приказна ни доаѓа од пониските лиги на англискиот фудбал. Џорџ Дезмонд Камураси, 36-годишен голман и капитен на англискиот деветтолигаш СЕ Донс, официјално ја одбил можноста да стане крал на традиционалното кралство Торо во Уганда, потврди тамошниот одбор за наследување на престолот.

Откако минатиот месец починал неговиот роднина, кралот Ојо Њимба Кабамба Игуру Рукиди IV, двометарскиот голман, познат во клубот под прекарот „Биг Џи“, бил првиот избор на кралскиот одбор за нов омукама (крал). Угандските медиуми наведуваат дека од 18 присутни членови на одборот, дури 15 гласале за него, пренесе „ESPN“.

И покрај големата чест, Камураси одлучил да остане во Лондон и да продолжи со своето фудбалско секојдневие и приватниот живот. Членот на 21-члениот одбор, свештеникот д-р Чарлс Ојо, за „НТВ Уганда“ потврдил дека англискиот голман бил нивниот апсолутен приоритет, но дека ја одбил понудата.


„Откако ги проценивме кандидатите, ги рангиравме според приоритет. Кога ги спроведовме разговорите, првиот кандидат ни рече: ’Не можам да бидам крал‘“, открил д-р Ојо.

Откако Камураси ја одбил круната, одборот за нов монарх го избрал принцот Едвард Рукиди Кијанангома, кој инаку работи како уредник и водител на државната телевизија УБЦ. Сепак, во самата Уганда настанала вистинска драма, бидејќи семејството на починатиот крал го оспорува овој избор, повикувајќи се на тестамент од 2022 година.


Додека во Уганда се води битка за престолот, „Биг Џи“ ја продолжува својата фудбалска приказна во Лондон. Неговиот клуб, СЕ Донс, во 2014 година го основал познатиот британски рапер Дон Страпзи. Клубот на почетокот стекнал огромна популарност преку Јутјуб, а потоа и официјално се приклучил на англискиот фудбалски систем.

Камураси е една од најпрепознатливите фигури во клубот, редовно се појавува во видеата на социјалните мрежи, а соиграчите го познаваат по исклучително страсните, а понекогаш и сочни говори што им ги држи во соблекувалната пред секој натпревар.


Неговата одлука да остане со тимот засега се покажува како полн погодок и на теренот. СЕ Донс моментално ужива во својата дебитантска сезона во ФА Купот, каде што изминатиот викенд го совлада Ерит Таун со 2:0 и обезбеди пласман во второто квалификациско коло.