Апасиев бара одговори за наплатата на брзите кредити: По кој закон се оди на врата за долг?

Макфакс

15/09/2026

11:20

270

Големина на фонт

а а а

Димитар Апасиев од Левица ја повикува Народната банка и Министерството за финансии да објаснат по кој закон се спроведува присилна наплата на долгот, откако пристигнаа поплаки од граѓани за агресивни методи на наплата преку посети на домови.

Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев најави дека проблемите со брзите кредити ќе ги отвори институционално преку пратенички прашања и предлог-закони, откако до него пристигнале поплаки од граѓани за начинот на кој се врши наплатата на долговите.

Апасиев објави и електронска порака од граѓанин кој тврди дека две лица дошле во неговиот дом и, без да се претстават, побарале веднаш да им предаде 30.000 денари во готово поради долг кон финансиско друштво. Според сведоштвото објавено од Апасиев, а испратено до него, лицата побарале од граѓанинот да им даде колку што има во моментот. Граѓанинот во пораката наведува и дека се лекува од канцер и бара помош за да се спречи ваквиот начин на постапување.

По добиената пријава, Апасиев јавно ги повика гувернерот на Народната банка и министерката за финансии да одговорат врз која законска основа би можела да се спроведува ваква наплата на побарувања.

„Да ги прашаме гувернерот на Народната банка и министерката за финансии, кои нели ‘не се надлежни’ за брзите кеш кредити – по кој тоа закон присилната наплата на долгот се врши со рекетари на врата?“, напиша Апасиев.

Тој оцени дека ваквите појави веќе ги надминуваат границите на цивилизирано општество и најави законска интервенција во областа на брзите кредити. Според него, постојната состојба овозможува граѓаните да бидат изложени на практики за кои институциите со години ја префрлаат одговорноста една на друга.

„Ова веќе ги поминува сите граници на цивилизирано општество и ќе мора законски да ве решаваме, за народот да се ослободи од лихварите“, порача лидерот на Левица.

Воедно, Апасиев упати јавен повик до сите граѓани кои имале проблеми со брзите кредити да му ги достават своите случаи на d.apasiev@sobranie.mk, со цел собраните сведоштва да бидат преточени во конкретни пратенички механизми.

„Ги замолувам сите граѓани кои имаат проблеми со брзите кредити да ми пишат на мејл за нивните маки, а ние тоа ќе се обидеме преку пратенички прашања и предлог-закони да го артикулираме, за конечно да ставиме крај на овој легален грабеж на народот за кој власта се прави и глува и слепа“, напиша Апасиев.