Кумановка сведочи како ѝ побарале, а таа дала мито од 3.000 за операција на сопругот: Ми даде име и адреса од кафуле за да ги дадам парите

Макфакс

19/09/2026

17:20

479

Големина на фонт

а а а

Во Куманово се одржа јавна трибина за корупцијата во здравствениот систем каде граѓаните и здравствените работници споделија искуства и предупредувања за влијанието на корупцијата врз пристапот до здравствени услуги и довербата во системот.

На плоштадот во Куманово денеска се одржа првата од серијата јавни трибини „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, на која говореа претставници на граѓански организации, здравствени работници и граѓани. Настанот беше отворен за сите кои сакаат да ги споделат своите искуства со корупција во здравствениот систем или да понудат предлози за надминување на овој сериозен проблем.

Како сценографија беше поставена импровизирана чекална која ги симболизира најчестите форми корупција во здравството.

Јавната трибина се одржа во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружението за емaнципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. –

„Главна цел на оваа јавна трибина беше отворено да разговараме за корупцијата и неправилностите во здравството, но пред сè за тоа како тие влијаат врз пристапот до здравствените услуги, врз довербата на пациентите и врз работата на здравствените работници. Нашето истражување покажа дека проблемот не е само дали некој дал или побарал пари, туку и кога пациентот верува дека без врски, подарок или дополнително плаќање нема да стигне навреме до услугата што му е потребна. Тогаш се создава нееднаквост и се губи довербата во системот“, рече Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ, кој беше модератор на настанот.

Куманово е една од општините во кои беше спроведено истражување меѓу граѓаните и здравствените работници, а беа организирани и фокус групи со жени од различни категории. Главни проблеми кои ги посочија граѓаните се долгото чекање за термин кај специјалист или за операција, скапи лекови и незаконска наплата на бесплатни гинеколошки услуги.

„Поради сите овие причини, граѓаните честопати се приморани да бараат побрз пат за да дојдат до одредена здравствена услуга, при што влегуваат во неправилности и коруптивни дејствија. Некогаш тие лично понудиле пари за да се осигурат дека самите тие или нивните блиски ќе добијат здравствена услуга, додека пак некогаш од нив лично била побарана одредена сума пари, биле упатени на преглед во приватна здравствена установа или да купат специфични лекови и препарати“, истакна Лидија Илијевска, претседателка на Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово.

Пред присутните беше споделено сведоштво на пациентка која директно се соочила со корупција во здравството.

„Маж ми беше во критична здравствена состојба, имаше потреба од итна хируршка интервенција. Во болница ни рекоа дека треба да чекаме повеќе од еден месец бидејќи имало голем број пациенти со закажани термини за операција. Вториот ден во болницата ми пријде една сестра и ми понуди, ако сакаме што поскоро да биде опериран маж ми, да платиме 3.000 евра. Јас ѝ реков дека треба да зборувам со семејството, па ќе ја известам. Бидејки ни беше важен животот на маж ми се согласивме да дадеме пари, позајмивме и утредента на сестрата ѝ реков дека прифаќаме. Таа ми даде адреса од едно кафуле и име на одредено лице каде требаше да ги оставиме парите. Син ми ги однесе парите и ги предаде. Следниот ден маж ми беше опериран. Фала му на Бога, сега е добар.“

На трибината беше потенцирано дека корупцијата не им штети само на пациентите, туку и на здравствените работници кои чесно и професионално ја вршат својата работа.

„Мнозинството здравствени работници секојдневно ја извршуваат својата професија со голема одговорност и посветеност. Но, во здравството, како и во секој друг систем, и поединечни неправилности можат да имаат последици многу поголеми од конкретниот случај. Еден случај може да создаде сомнеж. Повеќе случаи можат да создадат недоверба, а недовербата на крајот може да се прелее врз целиот систем и врз сите оние кои чесно ја работат својата професија. Затоа, здравствените работници се едни од најважните во решавањето на овој проблем“, порача Нина Близнаковска Стојковиќ, доктор по општа медицина.

Карванот јавни трибини „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“ продолжува наредната сабота во Прилеп. Здружението ЕСЕ го спроведува проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ со финансиска поддршка од Expertise France преку Agence française de développement.