Италија ќе го ограничи бројот на странски ученици во одделенијата, се најавува и забрана за бурки и никаби

Макфакс

20/09/2026

16:38

245

Големина на фонт

а а а

Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави мерки за ограничување на бројот на странски ученици во едно одделение и забрана за носење бурки и никаби во училиштата. Овие мерки се дел од напорите за подобра интеграција и справување со предизвиците поврзани со миграцијата.

Италија се подготвува да го забрани покривањето на лицето во училиштата и да го ограничи бројот на странски ученици во едно одделение, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони на собир на млади организиран од нејзината десничарска, национално-конзервативна партија „Браќа на Италија“.

Италија, поради својата положба во централниот дел на Средоземното Море, е меѓу европските земји кои се најизложени на пристигнување мигранти. Поради тоа, миграцијата со години е една од поважните политички теми и голем предизвик за италијанските влади.

Интеграцијата на мигрантите, особено на оние од земјите со мнозинско муслиманско население, и натаму предизвикува несогласувања во италијанската политика и општество. Дебатите за верските симболи, културната интеграција, правилата за стекнување државјанство и имиграциската политика често ја делат јавноста.

„Наскоро на владина седница ќе биде претставена мерка со која законски ќе се утврди максималниот дозволен број странски ученици во едно одделение. Со неа од родителите на странските ученици кои имаат сериозни тешкотии со интеграцијата во училишниот систем ќе се бара да го учат италијанскиот јазик, а ќе се забрани и носењето бурки и никаби во училиштата“, рече Мелони.

„Ако во одделението има само едно дете кое не разбира италијански, тоа веројатно ќе успее да го научи јазикот и брзо да се интегрира со помош на соучениците и наставниците. Но, ако бројот на деца кои не го разбираат јазикот стане голем, или тие дури се мнозинство, тогаш тоа повеќе не е интеграција, туку занемарување“, додаде таа.

Мелони не прецизираше колкав би бил максималниот дозволен број странски ученици во едно одделение.

Учениците кои немаат италијанско државјанство сочинуваат 11,6 отсто од сите ученици во италијанските училишта, односно речиси 12 на секои 100 ученици, покажуваат податоците на истражувачката организација „Фондационе ИСМУ“.

„Во училишната зграда мора да се влегува со откриено лице и никој во Италија, во име на вистинска или наводна традиција, не може да одлучи дека една млада жена мора да се крие“, рече Мелони.