[ВИДЕО] Историски високи цени на дизелот во Европа: најлошото допрва доаѓа

A1ON.MK

19/09/2026

18:24

409

Големина на фонт

а а а

Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија неделава достигнаа највисоко ниво откако се следат податоците, односно во последните повеќе од 20 години.

Според податоците на Европската комисија, полнењето резервоар од 50 литри сега чини околу 103 евра за бензин и 108 евра за дизел. На растот на цените значително влијаат високите рафинериски маржи, а експертите на Европската централна банка (ЕЦБ) проценуваат дека маржите за дизелот врвот би можеле да го достигнат дури во октомври.

Просечната цена на литар бензин во ЕУ на 14 септември изнесувала 2,063 евра, а на дизел 2,159 евра. Тоа се највисоките регистрирани цени откако Европската комисија во 2005 година почнала да ги следи податоците.

Цените на горивата значително пораснаа по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, што дополнително ги зголеми инфлаторните притисоци. ЕЦБ објави дека енергетската инфлација во еврозоната во август пораснала на 14,3 отсто, од 10,3 отсто во јули.

Цените значително се разликуваат меѓу земјите членки. Најевтиниот бензин бил на Малта, каде литар чинел 1,34 евра, додека најскап бил во Данска со 2,56 евра.

И дизелот бил најевтин на Малта, со цена од 1,21 евро за литар, а најскап во Финска, каде чинел 2,51 евро.

Податоците се од неделниот билтен на Европската комисија за нафта, објавен на 17 септември, а се однесуваат на цените забележани на 14 септември, со вклучени даноци и акцизи.

На растот не влијае само цената на суровата нафта. Значително поскапе и нејзината преработка, а пораснаа и рафинериските маржи, што дополнително ги зголемува цените на бензинските пумпи.

Рафинериската маржа е разликата меѓу цената на суровата нафта и цената на добиените деривати, како бензинот и дизелот.

Според експертите на ЕЦБ, маржите за бензинот најверојатно веќе го достигнале врвот, додека маржите за дизелот се очекува да достигнат врв во октомври.

„Според цените на фјучерс-договорите за дизелот забележани на 16 септември, се очекува маржата за дизелот да достигне врв во октомври. Податоците за бензинот од истиот датум покажуваат дека неговата маржа врвот го достигнала во август“, наведуваат од ЕЦБ.

Од почетокот на 2026 година просечната цена на бензинот во ЕУ пораснала за околу 29 отсто, а на дизелот за речиси 40 отсто.

Според анализа на ЕЦБ од јули, промените во цената на суровата нафта вообичаено целосно се пренесуваат врз цените на горивата пред оданочување во рок од еден до два месеца.

Во јули суровата нафта сочинувала помалку од една четвртина од цената на горивото во еврозоната. Остатокот го сочинувале трошоците за преработка и дистрибуција, маржите и даноците.

Акцизите и ДДВ во тој период сочинувале околу 44 отсто од цената на дизелот и 52 отсто од цената на бензинот.

Експертите на ЕЦБ проценуваат дека во третата недела од септември рафинериските маржи сочинувале 0,41 евро за литар дизел, односно 19 отсто од малопродажната цена, додека кај бензинот изнесувале 0,17 евра за литар, или 8 отсто од цената.

ЕЦБ во својот извештај за монетарната политика од 10 септември предупреди на дополнителни ризици.

„Нови нарушувања во снабдувањето со енергенси би можеле да предизвикаат дополнителен и подолготраен раст на цените од моментално предвидениот“, се наведува во извештајот.

Експертите на ЕЦБ оценуваат дека за пад на цените би биле клучни прекин на конфликтот на Блискиот Исток, нормализирање на снабдувањето со енергенси и нормализирање на работата на рафинериите.

Според нив, завршувањето на војната на Блискиот Исток, нормализирањето на сообраќајот низ Ормускиот Теснец и обновувањето на работата на рафинериите би можеле да доведат до пониски цени на суровата нафта и горивата.

Сепак, проблемите и прекините во работата на руските рафинерии би можеле да ги задржат рафинериските маржи на високо ниво дури и доколку конфликтот на Блискиот Исток заврши.