[ФОТО] „Германскиот Мамдани“ со црвен кармин: Елиф би можела да стане првата градоначалничка на Берлин со турско потекло

Точка

19/09/2026

20:05

1.224

Големина на фонт

а а а

Одговорот на Берлин на Зохран Мамдани би можел да ѝ помогне на крајно левичарската, антикапиталистичка партија да го освои првото место на регионалните избори во недела, по кампањата која го искористи незадоволството поради наглиот раст на кириите и јакнењето на крајната десница.

Елиф Ералп, водечката кандидатка на партијата „Ди Линке“ (Die Linke), би можела да стане првата градоначалничка со турско потекло на градот со 3,9 милиони жители, во кој живее најголемата турска заедница надвор од Турција, пишува „Фајненшл тајмс“ (FT).

Нејзиното мигрантско потекло, модерниот изглед и крајно левичарската агенда доведоа до споредби со Мамдани, демократскиот градоначалник на Њујорк, чија кампања ја мобилизираше американската левица.


„Успехот на демократскиот социјалист во Њујорк, срцето на капитализмот, е огромен успех. Разменивме многу идеи“, изјавила Ералп пред новинарите минатата недела.

Стратегот на кампањата на Мамдани напролет го посетил Берлин за да ги советува неа и нејзината партија.


Анкетите покажуваат дека „Ди Линке“ е изедначена со Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц, која на последните избори, првпат по повеќе од две децении, победи во овој традиционално левичарски град.

Но, ЦДУ се соочува со товарот од длабоко непопуларниот градоначалник на Берлин, како и со незадоволството од Мерц низ целата земја (според најновите анкети на „ARD-DeutschlandTrend“, само 13 отсто од Германците се задоволни од работата на Мерц).


Канцеларот се обидува да го стави под контрола бунтот во сопствената партија, кој би можел дополнително да се засили доколку ЦДУ постигне слаб резултат на двојните покраински избори во недела, во Берлин и во североисточната сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија.

„Ди Линке“ ги влече своите корени од комунистичката СЕД, која владееше со Источна Германија сè до падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година. Но, во последните три години партијата поминала низ впечатлива генерациска промена.

Раководството на партијата го презела помлада генерација, вклучувајќи и неколку истакнати жени, чии напади врз крајно десничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) им помогнале да станат ѕвезди на социјалните мрежи меѓу германската левица.


Ералп, ќерка на турски левичари кои побегнале од својата земја по воениот удар во 1980 година, рекла дека се приклучила на „Ди Линке“ во 2017 година, на денот кога партијата АфД за првпат влегла во германскиот парламент.

Таа и другите истакнати личности од партијата негуваат препознатлив стил: кратки шишки, тетоважи, обетки на ушите и црвен кармин.

Ералп (45) често комбинира фармерки и патики со бомбер-јакна и кармин во нијансата „Red Poppy“, нејзината омилена боја.

Реорганизацијата на „Ди Линке“ привлекла огромен бран нови поддржувачи, при што бројот на членови на партијата за една година се удвоил и на крајот од 2025 година достигнал 123.000.


„Ди Линке некогаш беше партија на пензионерите од Источна Германија, кои често живееја во рурални средини. Денес нејзиниот типичен гласач е млада жена која живее во град. Партијата целосно се промени“, изјавил Маркус Колберг, политиколог од Универзитетот „Хумболт“.

Во Берлин, ветувањето на „Ди Линке“ дека ќе експроприра 220.000 станови од „безобразните“ корпоративни сопственици на недвижности наиде на силен одѕив кај младите гласачи.


Во текот на 1980-тите и 1990-тите години, градот бил познат по празните простори, евтините кирии и сквотовите, кои привлекувале уметници и љубители на техно-музиката и го претвориле Берлин во центар на европската контракултура.

Но, растот на населението и приватните инвестиции го трансформирале пазарот на недвижности во текот на изминатите две децении, што довело до зголемување на кириите.

Во 2021 година, 58 отсто од жителите на Берлин на референдум гласале за експропријација на становите во сопственост на корпоративни сопственици.


„Ди Линке“ соопшти дека сака да ја спроведе таа одлука со одземање на имотот на инвеститорите во недвижности, како што е берзански котираната компанија „Воновија“, која поседува околу 130.000 станбени единици во Берлин.

Трошоците за овој план се предмет на жестоки спорови, а проценките се движат од седум до 36 милијарди евра. „Ди Линке“ наведува дека средствата постепено би биле надоместени од приходите од кириите што би ги остварувал градот.

Ералп – која носи златен ѓердан со натпис „Mietdeckel“, односно „ограничување на кириите“ – исто така сака да воведе такво ограничување за 400.000 станови во јавна сопственост во градот.


Плановите на партијата за експропријација, кои би можеле да се соочат со низа правни предизвици, предизвикале загриженост меѓу деловните лидери. Група банки во јуни предупреди дека партијата „си игра со оган“ и дека ризикува да ги одврати инвестициите и изградбата на нови објекти.

Многу млади членови и поддржувачи на партијата велат дека победата на АфД во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт на почетокот на овој месец ги поттикнала да се вклучат во политиката.

Дури и во Берлин, анкетите покажуваат поддршка за АфД од околу 18 отсто.


Колберг, политикологот, рекол дека тоа би можело да се објасни со разликата меѓу централните делови на градот и надворешните предградија:

„Надвор од центарот – тоа е АфД против ЦДУ“, изјавил тој.

„Ди Линке“ привлече поддршка и со својот мошне критички став кон она што Ералп го нарекува „десничарска екстремистичка“ влада во Израел и кон нејзините постапки во Газа.

Кога станува збор за Украина, партијата го ублажила својот став во споредба со старата струја, која била понаклонета кон Русија.


Партијата се противи на испораките на оружје за Киев и сака распуштање на НАТО, но истовремено експлицитно ја обвинува Русија за конфликтот и поддржува дел од санкциите против Москва.

Дури иако „Ди Линке“ го освои првото место, не е јасно дали Ералп би станала градоначалничка.

ЦДУ и понатаму би можела да се обиде да најде коалициски партнери за да обезбеди мнозинство во покраинското собрание.


Водечкиот кандидат на социјалдемократите, Штефен Крах, остро се противи на плановите на „Ди Линке“ за експропријација, што ја отвора можноста неговата партија да го следи примерот на сојузната коалиција и да ѝ се приклучи на ЦДУ, наместо да биде дел од влада предводена од Ералп.

Сепак, позицијата на Крах е ослабена поради полициските претреси во неговиот дом и канцелариите во рамките на истрагата за можна корупција поврзана со јавен тендер. Тој ги негира обвинувањата.

Ералп изјавила дека смета оти другите левичарски ориентирани партии ќе постигнат договор со „Ди Линке“.

„На крајот, ако станеме најсилната политичка сила во Берлин, тогаш ќе победат и нашите политики“, истакнала таа.