Мислите дека „ChatGPT“ ве следи само додека разговарате со него? Откриено е дека го бележи секој ваш чекор на интернет

Точка

21/09/2026

15:41

281

Големина на фонт

а а а

Експерти за сајбер-безбедност открија дека „ChatGPT“ тајно ги следи активностите на корисниците на други веб-страници и тие податоци директно ги поврзува со нивните профили. Овој механизам функционира преку специјално колаче кое собира информации за вашите пребарувања, купувања и текстовите што ги читате на интернет.

Секојпат кога ќе посетите веб-страница која го користи рекламниот код на компанијата „OpenAI“, вашите податоци автоматски се испраќаат на нивните сервери. Механизмот функционира дури и ако не сте најавени на својот профил или ако во поставките изречно сте го одбиле маркетиншкото следење.


Како функционира тајното следење

Системот се потпира на колаче наречено „__obi“, кое се чува во вашиот веб-прелистувач и важи една година. Кога ќе влезете во интернет-продавница или портал што има вграден „OpenAI“ пиксел, прелистувачот самостојно го испраќа тој идентификатор заедно со адресата на страницата што ја гледате.

Покрај историјата на посетите, овој код од страниците автоматски собира адреси на е-пошта, телефонски броеви и поштенски броеви. Дел од евидентираните податоци вклучувале и исклучително чувствителни посети, како страници поврзани со медицински состојби и формулари за финансиски долгови.


Најголемиот проблем е во тоа што „OpenAI“ ова колаче го сместил во категоријата аналитика, а не во категоријата маркетиншко следење. На тој начин системот продолжува да собира податоци дури и од корисници кои во поставките за приватност забраниле следење за рекламни цели.

Слични технологии со години користат „Meta“ и „Google“, но ова е првпат тие да се применуваат кај четбот со вештачка интелигенција. Луѓето со вештачката интелигенција често споделуваат многу почувствителни информации отколку на социјалните мрежи, поради што ова откритие предизвика сериозна загриженост во јавноста.