Добриот изглед на ресторанот, популарноста на социјалните мрежи или препораката од позната личност не се нужно гаранција дека за вашите пари ќе добиете добро искуство.
Понекогаш знаците што го откриваат квалитетот на ресторанот се пред очите на гостите уште пред воопшто да нарачаат храна. Гастро-критичарите за „Allrecipes“ издвоиле неколку детали на кои вреди да се обрне внимание.
Најважни показатели
Ресторанот е целосно празен
Ако ресторанот е празен во време кога вообичаено би требало да биде полн, тоа може да биде еден од знаците за претпазливост. Сепак, овој показател треба да се земе со резерва. Ресторанот можеби штотуку започнал со работа или сопственикот едноставно се бори да опстане, па затоа само празниот локал не е доволна причина да заклучите дека ресторанот е лош.

Хигиената не е на соодветно ниво
Чистотата е еден од најважните елементи на секој ресторан. Валкан тоалет, запуштен простор или лоши хигиенски навики на персоналот може да бидат знак дека не се води доволно сметка за здравјето на гостите и вработените.

Санитарните контроли постојат токму затоа што неправилното ракување со храната може да доведе до здравствени проблеми. Затоа вреди да се обрне внимание и на состојбата на просторот, а не само на она што пишува на менито.
Персоналот се однесува непрофесионално
Грешките се случуваат, но начинот на кој персоналот се обидува да ги поправи може многу да открие. Саркастични коментари, барање изговори или расправање со гостите може да покажат дека услугата не е на нивото што би го очекувале.

„Ако погрешат, би требало да се потрудат да ја исправат грешката“, нагласила Кенди Хом, гастро-критичарка и готвачка од Атланта.
Таа го раскажала и своето искуство од ресторан на познат готвач. Сметката за шест лица по грешка била поделена на пет дела, а келнерот својата грешка ја оправдал со тоа што вообичаено услужувал маси со по пет лица.
„Дури и храната да била добра, таквото однесување го расипува целото искуство“, рекла Хом.
Каков е односот на ресторанот кон вработените?
Не е важно само како персоналот се однесува кон гостите. Обрнете внимание и на односот на раководството кон вработените. Надија Чаудури од „Eater“ смета дека повторливите информации за лошите услови за работа и проблемите на вработените со раководството треба да се сфатат сериозно, дури и кога ништо од тоа не е официјално пријавено.

„Вистина е дека секој може да напише што било на интернет, но ако од доверливи извори постојано слушам и читам дека вработените се жалат на лошите услови за работа и проблемите со раководството, тоа го сфаќам сериозно, дури иако ништо не е официјално пријавено“, рекла Чаудури.
Ресторанот е преполн со инфлуенсери
Популарноста на социјалните мрежи сама по себе не е проблем. Сепак, големиот број платени соработки може да ја отежне проценката колку се навистина веродостојни рецензиите за ресторанот.
„Кога секоја објава или рецензија е резултат на спонзорирано искуство, не можам да ѝ верувам“, заклучила Хом.










