Уште четири дена за гласање: изберете го вашиот фаворит во „Иднина која инспирира“ на dm и придонесете за негова реализација

Точка

23/09/2026

13:55

161

Големина на фонт

а а а

Остануваат уште четири дена до завршувањето на гласањето во рамките на платформата „Иднина која инспирира“, а граѓаните сè уште имаат можност директно да влијаат врз тоа кој од трите проекти ќе добие дополнителна поддршка од dm drogerie markt.

Гласањето трае до 27 септември 2026 година, а својот фаворит граѓаните можат да го поддржат на следниот линк

Во финалниот избор се „Силата е во младите“, „Природа што нè поврзува“ и „Простор за раст – функционален центар создаден од граѓаните“ – три иницијативи што одговараат на различни потреби во заедницата, од еколошка едукација и грижа за животната средина, преку создавање зелени и функционални јавни простори, до отворање нови можности за учење, креативност, волонтерство и поврзување.

Проектот „Силата е во младите“ на Здружението за екологија, еколошка едукација и еколошка обединетост „За почиста Македонија“ ги става младите во центарот на еколошките промени. Предвидени се чистки во скопските населби, работилници и дискусии со деца и млади, како и создавање видеосодржини за подигнување на јавната свест за зачувувањето на чистата животна средина.

Со „Природа што нè поврзува“, Центарот за регионален одржлив развој од Неготино планира запуштен и неискористен ридски простор да го преобрази во зелено место за одмор, рекреација и дружење. Преку волонтерски акции ќе се расчистува и уредува локацијата, ќе се садат дрвја и растенија и ќе се поставуваат практични елементи, а планирани се и едукативни и креативни активности за просторот долгорочно да ѝ служи на локалната заедница.


Третиот проект, „Простор за раст – функционален центар создаден од граѓаните“ на „ЕДЕН ХАБ“ од Прилеп, предвидува активирање недоволно искористени простори во Прилеп, Кривогаштани и неколку општини на територијата на Град Скопје. Тие треба да прераснат во достапни центри за учење, креативност, развој на практични вештини, ментална благосостојба, активно граѓанство и меѓусебна поддршка.

Во овие последни денови од гласањето, секој глас е од големо значење. Граѓаните не избираат само еден од трите проекти, туку даваат поддршка на конкретна идеја за која сметаат дека заслужува дополнителна можност да стане реалност и да остави трајна вредност во заедницата. По завршувањето на гласањето ќе биде заокружена и оваа фаза од „Иднина која инспирира“, а проектот што ќе ја добие поддршката од граѓаните ќе добие и дополнителна поддршка од dm за неговата реализација.

Платформата годинава започна со вкупно 74 пријавени проекти, по што следуваше стручно оценување и избор на пет иницијативи за кои dm обезбедува финансиска поддршка во вкупна вредност од 2,9 милиони денари. Во стручното жири учествуваа Гоце Калинов од „Ретвитни оброк“, Далиборка Златева, претседател на „Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес“, Ико Брдаровски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“, како и тројца претставници на dm.

Меѓу петте веќе избрани проекти се „Охрид Еко 2027“ на Нуркачкиот центар „Амфора“, „Херои на солидарноста: Тегла Плус за нашата заедница“ на Здружението „Љубезност“, „Поддршка блиску до тебе – Заедно до правата“ на Македонското здружение на млади правници, „Заедно сме шампиони – инклузија преку спорт“ на Специјална Олимпијада – Македонија и „DM HUB – Центар за благосостојба и грижа ‘Грижа за себе. Грижа за другите. Грижа за заедницата“ на Центарот за истражувања и анализи НОВУС.

Со финалното гласање, „Иднина која инспирира“ го заокружува патот од идеја, преку стручна селекција и поддршка, до активно учество на самата заедница – давајќи им можност и на граѓаните да придонесат во изборот на иницијативата што ќе добие дополнителен поттик.