Поради ова полиците во „Zara“ често се полупразни: Поранешниот директор ја открил строго чуваната тајна на успехот на модниот гигант

Супермен

25/09/2026

16:08

523

Големина на фонт

а а а

Човекот кој повеќе од една деценија беше на чело на „Zara“ и отвори повеќе од 3.000 продавници ширум светот ја откри строго чуваната тајна на успехот на овој моден гигант.

Едуардо Мартин Кардона, човекот кој повеќе од една деценија управуваше со „Zara“ во Шпанија, откри што стои зад глобалниот успех на овој моден гигант. Со 35 години искуство во малопродажбата и повеќе од 3.000 отворени продавници ширум светот, тој истакнува дека врвните резултати зависат исклучиво од луѓето, а не од совршените деловни планови.

Кардона, инаку дипломиран новинар, ја започнал кариерата во „Zara“ на најниската позиција – како продавач. Интересно е што понудата за работа ја одбил дури двапати пред да се предомисли. Подоцна одиграл клучна улога во развојот на брендовите како „Pull&Bear“, „Lefties“ и „Zara Home“, а денес живее и работи во Колумбија.


„Сè ми е јасно за само две минути“

Иако не се смета себеси за моден експерт, Кардона нагласува дека разбирањето на вработените и потрошувачите е основата на секој успешен бизнис.

„По децении на раководни позиции, ја научив најважната лекција: успехот го носат луѓето. Штом влезам во продавница, за само две минути можам да проценам дали таа добро работи, исклучиво врз основа на набљудувањето на вработените и нивното однесување“, раскажал тој во еден поткаст.

Кардона додава дека квалитетот на менаџерите директно го одредува успехот на целиот тим. „Добриот шеф создава мотивиран колектив. Кога работниците се чувствуваат ценети и почитувани, таа позитивна енергија ќе ја пренесат и на купувачите“, објаснува тој.


Златниот совет на Амансио Ортега

И покрај доминацијата на онлајн трговијата, поранешниот директор Кардона верува дека физичките продавници никогаш нема да го изгубат своето значење. Тој се присетил и на советот на Амансио Ортега, основачот на компанијата „Inditex“:

„Додека другите брендови трошат богатство на реклами, „Zara“ речиси ништо не вложува во класичен маркетинг. Амансио нè учеше дека нашиот најдобар маркетинг е да имаме најубави продавници на најдобрите локации и, се разбира – врвен производ. Тоа се покажа како победничка стратегија“.


Новата ера на Марта Ортега и „психологијата на недостиг“

Поранешниот директор силно ги поддржува потезите на Марта Ортега, актуелната претседателка на „Inditex“, особено нејзините соработки со познати уметници и ѕвезди како Бед Бани. Брендовите, како што вели, мора да го следат духот на времето бидејќи купувачите сакаат да се поистоветат со поп-културата.

Промените се очигледни и во самите бутици, кои сега нудат повеќе простор и се фокусираат на уникатно искуство при купувањето, наместо на преполнети полици. Иако предвидува дека „Zara“ постепено ќе ги зголемува цените, тој не верува дека ќе се обиде да стане недостижен луксузен бренд.

„Тајната е во психологијата на недостигот. Многу поефикасно е да изложите едно парче облека под совршено осветлување, отколку да натрупате 50 исти маици на куп. Луѓето копнеат по она што го има малку, сакаат да го почувствуваат оној посебен момент дека ’уловиле‘ нешто што брзо се распродава“, заклучува Кардона.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk