Војната во Јемен продолжува со интензивирани напади од јеменските Хути врз Саудиска Арабија, при што коалицијата предводена од Ријад успеала да пресретне два дрона и балистичка ракета насочени кон важни саудиски градови.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија денеска соопшти дека саудиската противвоздушна одбрана пресретнала и уништила два беспилотни летала лансирани од јеменските Хути кон главниот град Ријад.
Портпаролот на коалицијата, Турки ал-Малики, изјави дека бил пресретнат и балистички проектил насочен кон градот Хамис Мушаит, на југозападот на Саудиска Арабија.
Ал-Малики не соопшти информации за евентуална материјална штета или жртви. Претходно, безбедносните власти накратко издале предупредувања во неколку делови од земјата, меѓу кои и во градовите Абха и Хамис Мушаит.
Ријад е оддалечен околу 850 километри од областите во западен Јемен под контрола на Хутите. Саудиската војска завчера соопшти дека пресретнала шест балистички проектили лансирани од Хутите.
Пред околу десет дена, коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти и дека Хутите извршиле напад со беспилотно летало врз светиот град Мека, што претставник на Хутите го демантираше.
Хутите ги интензивираа нападите врз Саудиска Арабија во услови на нова ескалација на војната во Јемен. Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата јеменска влада и во рамки на коалицијата предводена од Ријад повеќепати изведуваше воздушни напади врз позициите на Хутите.
Последните напади врз нафтени постројки и важен саудиски нафтовод дополнително го зголемија притисокот врз Ријад. Хутите исто така се обидоа да го попречат минувањето на саудиски танкери со нафта низ теснецот Баб ел-Мандеб, значаен поморски коридор за извозот на нафта кон Азија.







