Хуманоидните роботи одамна не се само гломазни машини со монотон глас и ограничени движења. Сега имаме можност да видиме и робот кој може да пушти солза по команда.
Станува збор за „Yansyn-X2“, хуманоиден робот на кинеската компанија „Yanxi Technology“ од Нингбо. Роботот привлече внимание на конференцијата „Inclusion Conference 2026“ во Шангај, каде што демонстраторот поставил едноставно прашање: „Можеш ли да пуштиш солза за мене?“
Неколку секунди подоцна, на неговото лице се појавила солза.
На прв поглед изгледа како необичен технолошки трик, но зад оваа функција се крие многу посериозна идеја: развој на машини кои можат подобро да ги препознаваат и имитираат човечките емоции, пренесува „Engadget“.
Како роботот всушност плаче?
„Yansyn-X2“ користи повеќеслојна техничка архитектура за да го произведе ваквиот ефект. Најпрво, АИ-алгоритам го анализира контекстот на разговорот и тонот на комуникацијата за да утврди дали одредена емоционална реакција е соодветна.
Ако системот препознае тажна или емпатична содржина, сигналот се испраќа до бионичките компоненти кои се наоѓаат под силиконското лице на роботот. Тие го менуваат неговиот израз на лицето така што изгледа тажно. На крајот, посебен микрофлуиден систем испушта течност на работ на окото, создавајќи ефект на солза.
Со други зборови, роботот не е тажен, туку го препознава контекстот и врз основа на него произведува однапред дефинирана реакција. Тоа е дел од пошироката област позната како афективно пресметување, која се занимава со развој на системи способни да ги препознаваат, толкуваат и да одговараат на човечките емоции.
Целта не е нужно луѓето да поверуваат дека роботот навистина чувствува тага. Идејата е интеракцијата меѓу луѓето и машините да биде поприродна.

Кога машината изгледа „човечки“
Колку подобро роботите го имитираат човечкото однесување, толку нивното однесување за некои луѓе може да биде понепријатно. „Yansyn-X2“ се наоѓа токму во таа зона на таканаречената „морничава долина“ („Uncanny Valley“), односно ситуација кога нешто изгледа речиси како човек, но сепак е доволно различно за да предизвика непријатност.
Сепак, постојат и практични причини за развој на ваквите системи.
Истражување објавено во 2023 година во списанието „Frontiers“ покажа дека роботите кои користеле изрази на лицето усогласени со емоционалниот тон на разговорот биле оценети како подопадливи, подоверливи и послични на луѓето во споредба со роботите без изрази на лицето или со неусогласени изрази.
Со други зборови, изразувањето емоции би можело да им помогне на луѓето полесно да се навикнат на соработката со роботите.








