[ФОТО/ВИДЕО] Бабата Кет Боуви (78) стана најстарата „Фортнајт“ стримерка во светот: Влезе во Гинисовата книга на рекорди

Точка

28/09/2026

21:20

478

Големина на фонт

а а а

Бабата Кет Боуви (78) од Шкотска постави Гинисов рекорд како најстарата жена стримерка на популарната видеоигра „Фортнајт“.

Боуви, која на „Фортнајт“ и на другите платформи го користи прекарот „grumpygran1948“, редовно го пренесува своето играње во живо, а според Гинисовата книга на рекорди, понекогаш игра и до шест часа дневно.

Нејзината приказна е вклучена во изданието „Guinness World Records Gamer’s Edition 2027“, кое беше објавено во септември.

Боуви за Гинисовата книга на рекорди раскажала дека „Фортнајт“ веднаш ѝ го привлекол вниманието кога во 2017 година го видела својот внук како ја игра оваа видеоигра, во периодот кога бил претставен „Battle Royale“ начинот на играње.

Оттогаш не престанала да игра.

„Речиси девет години подоцна, сè уште ја играм, сè уште неизмерно уживам во неа и иако стареам, никогаш не сум дозволила годините да ми бидат пречка“, истакнала Боуви.

Како што додала, пробала и неколку други видеоигри, но ниту една не ѝ го пружила возбудувањето што го чувствува додека игра „Фортнајт“.

„Повеќе се нарекувам себеси ’Фортнајтер‘ отколку гејмер“, рекла таа.


Боуви е активна и на платформата „Твич“, каде што нејзиниот профил „grumpygran1948“ го следат повеќе од 24.000 корисници. На профилот се опишува себеси како „зборлеста, љубезна, никогаш токсична и вистински бот“.

Прекарот што го користи денес ѝ го предложила нејзината внука, иако, како што објаснила Боуви, станува збор за шега, бидејќи сите што ја познаваат знаат дека таа не е личност која често се лути или негодува.

Нејзината приказна се најде во Гинисовата книга на рекорди заедно со уште еден необичен гејмерски рекорд. Во истото издание е претставен и Макс Бејкер, кој со само 10 години станал најмладиот креатор на видеоигри. Според Гинисовата книга на рекорди, тој за само четири часа ја создал сопствената игра „Gravity Parkour 2.0“.


„Во Гинисовата книга на рекорди веруваме дека играњето видеоигри е за секого, а ова издание претставува играчи од различни генерации и култури од целиот свет“, изјавила Алис Бел, уредничка на изданието „Guinness World Records Gamer’s Edition 2027“.

Боуви порачала дека никому не треба да му се кажува дека е престар за да почне да игра видеоигри.

„Најважно од сè е што сите овие години продолжив да уживам во секој ден, секоја недела, секој месец и секоја година што ги поминав играјќи и стримајќи“, истакнала таа.