Веќе знаеме дека ледената месечина на Сатурн е едно од ретките места во нашиот Сончев Систем кои би можеле да поддржат живот. Меѓутоа, според новите истражувања, Енцелад би можел да биде уште попогоден за живот отколку што се мислеше досега.
Тим истражувачи од универзитети во САД и Германија преку лабораториски експерименти покажа дека одредени микроорганизми би можеле да преживеат во океанот скриен под мразот на оваа месечина.
„Енцелад се смета за едно од најперспективните места за потрага по вонземски живот“, изјави Ванеса Хелмбрехт, главната авторка на студијата, според соопштението на Универзитетот „Ludwig Maximilian“ во Минхен.
„Нашите експерименти покажуваат дека неговата уникатна геохемија би можела да создаде услови кои се уште поповолни за микробен живот отколку што претходно претпоставувавме“, рече таа.
Истражувачите веруваат дека под ледената кора на месечината се наоѓа глобален океан со течна вода и подлабоко сместено карпесто јадро. Преку експериментите, тимот сега истражувал дали и на кој начин одредени микроорганизми би можеле да преживеат таму.

За да го постигнат тоа, истражувачите во лабораторија ги реконструирале условите кои владеат на дното на океанот на оваа месечина на Сатурн – и притоа откриле дека археите кои користат водород и произведуваат метан (таканаречени древни бактерии) можат да опстанат во таа негостопримлива средина. Претходно се претпоставувало дека таквата средина би била смртоносна за овие анаеробни едноклеточни организми.
За потребите на студијата, објавена во списанието „Science Advances“ во септември, истражувачите конструирале посебна комора за да ги реплицираат условите на Енцелад. Концентрацијата на кислород во комората била исклучително ниска – околу 10.000 пати пониска отколку во атмосферата на Земјата. Во тие услови го симулирале и алкалниот океан на месечината и нејзиното карпесто дно.
Потоа го внеле „Methanothermococcus okinawensis“ – вид археја која на Земјата живее во длабоките делови на океаните. Според истражувачите, на овој едноклеточен организам за производство на енергија му се потребни само гасовите водород („H2“) и јаглерод диоксид („CO2“). Тоа се смета за еден од најпримитивните метаболички патишта кои и денес можат да се сретнат кај живите организми на Земјата.

Истражувачите изненадени од резултатите
„Резултатите беа зачудувачки: организмот продолжи да расте во симулираните услови на Енцелад и произведуваше метан користејќи водород создаден од реакциите меѓу водата и карпите“, соопшти Универзитетот во Минхен.
Еден од најголемите предизвици за потенцијалниот живот на Енцелад, како што се наведува, е исклучително ниската концентрација на јаглерод диоксид предизвикана од високата „pH“ вредност на океанот. Тимот успеал да докаже дека архејата може да се приспособи на овие услови и да ги искористи минималните количини достапен „CO2“ благодарение на својот уникатен метаболизам.

„Нашата студија не го докажува постоењето живот на Енцелад“, изјави геобиологот Вилијам Орси, главниот автор на студијата.
„Но, покажува дека клучните геохемиски карактеристики таму би можеле да овозможат опстанок на еден од најстарите метаболички облици на живот“, рече тој.
Потрагата по живот на Енцелад продолжува: Европската вселенска агенција („ESA“) неодамна објави, според наводите во соопштението, дека нејзината планирана мисија „L4“ од 2042 година ќе собира примероци од млазовите што гејзерите ги исфрлаат низ ледената кора во вселената. Тие примероци потоа би можеле да бидат анализирани со цел откривање микробен живот.










