[ВИДЕО] Шерон Стоун ја повика Сидни Свини на одговорност поради контроверзната реклама: Не смееме да го омаловажуваме женскиот спорт

Точка

29/09/2026

08:29

1.188

Големина на фонт

а а а

Актерката Шерон Стоун ја повика колешката Сидни Свини да преземе одговорност за контроверзната реклама за платформата за спортско обложување „Novig“, која предизвика реакции кај спортистките.

Имено, Свини овој месец се појави гола во промотивната кампања на „Novig“, покривајќи се со спортска опрема и порачувајќи дека платформата за обложување е „само за спорт“.

Рекламата предизвика критики од дел од спортската заедница, вклучително и од истакнати спортистки кои ја обвинија актерката за омаловажување и сексуализирање на женскиот спорт.

Стоун, која глумеше со Свини во третата сезона на серијата „Euphoria“, за контроверзата зборуваше на еден настан во Лос Анџелес. Таа истакна дека го поддржува женскиот спорт, но и дека смета оти Свини треба да преземе одговорност за своите постапки.

„Сметам дека Свини треба да преземе одговорност за своите постапки, а не јас да ја осудувам поради нејзините постапки“, изјави Стоун за „People“.

Таа додаде дека нејзиниот фокус треба да биде на поддршката на жените кои успеале и станале шампионки во женскиот спорт.


„Не смееме да го омаловажуваме женскиот спорт за да го привлечеме вниманието на мажите, за тие да можат да се коцкаат“, рече Стоун.

Рекламата предизвика реакции кај бројни спортистки, меѓу кои и олимписката ватерполистка Тили Кернс, боксерката Скај Николсон и пливачката шампионка Аријарн Титмус.

Титмус на Инстаграм изрази огорченост поради рекламата, наведувајќи дека таа претставува навреда за жените кои му го посветиле животот на спортот, но и за сите оние кои во спортот гледаат тимска работа, пријателство, посветеност, извонредност и единство.

Свини на критиките одговори така што сподели насловни страници на списанија и претходни рекламни кампањи во кои познати спортистки, меѓу нив Серена Вилијамс и Ронда Роузи, позирале провокативно или со многу малку облека.


Извршниот директор на „Novig“, Џејкоб Фортински, исто така одговори на критиките. Тој рече дека платформата во голема мера го поддржува женскиот спорт и дека кампањата никогаш немала цел да ги прикажува женските спортови.

„Сидни е актерка, најголемата филмска ѕвезда во светот. Ние сме пазар за предвидувања фокусиран на спортот. Тоа е приказната што таа ја пренесуваше“, рече Фортински.

Стоун и претходно се огласуваше за контроверзии поврзани со Свини. Минатата година ја бранеше актерката по негативните реакции на нејзината реклама за фармерки на „American Eagle“, велејќи дека во ред е да се користи она што ѝ го дала генетиката.

„Навистина е во ред да го искористиш секој дел од привлечноста што ја имаш овде, сега“, рече тогаш Стоун.