Додека возачите во многу европски земји плаќаат значително повисоки цени на горивото, на Малта литар дизел чини 1,21 евро, а бензинот 1,34 евра. Цените на пумпите таму не се променети од средината на 2020 година, но нивното одржување ја чини државата сè повеќе и повеќе.
Тајната е во директната државна интервенција: владата во Валета законски ги држи цените под контрола, додека сите разлики во споредба со реалната цена на пазарот се покриваат од државната каса, пишува весникот „Мalta Today“.

Малтешката влада ја покрива разликата помеѓу цената што ја плаќаат возачите и реалните трошоци за добивање на горивото. Според „Маlta Today“, министерот за финансии Клајд Каруана предупреди дека проценките за трошоците за субвенции нагло се зголемиле: во мај беше пресметано на околу 30 милиони евра годишно, додека проценката достигнала 75 милиони евра на крајот на август.
Ова го поставува прашањето за властите колку долго можат да ги одржуваат сегашните цени. Каруана изјавил дека владата мора да се грижи за јавните финансии и да го одржува буџетскиот дефицит под три проценти од БДП.

Малта минатата година ја заврши со дефицит од 2,2 проценти од БДП, додека јавниот долг изнесуваше 46,4 проценти од БДП. Сепак, зголемувањето на трошоците за субвенции би можело да претставува дополнителен товар за буџетот.






